Маја Коцијанчич, портпаролката на Европската Комисија, во изјава за МИА потврди дека сексуалната ориентација треба да биде вклучена како основа во законот за анти-дискриминација.
„Нашата позиција е јасна: нацрт законот за спречување и заштита против дискриминација го подобрува усогласувањето со европските стандарди и ЕУ законодавството, ова треба да ги вклучи сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основи за дискриминација“, изјави Коцијанчич.
Од Европската Комисија за последниот извештај за Македонија во овој дел, упатуваат дека е од “суштинско“ значење да бидат вклучени сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основа за дискриминација и нацртот да биде изменет во согласност со мислењето на Венецијанската Комисија.
Коалицијата Маргини пред десет дена во Судот во Стразбур доби позитивна пресуда во случајот „Х против Македонија“. Судот тогаш утврди дека постоечката законска рамка има јазови и сериозни недостатоци кои го довеле транс лицето во ситуација на стрес и несигурност во признавањето на неговиот родов идентитет.
По одлуката на Судот во Стразбур, Македонија има за обврска да донесе закон кој ќе им овозможи на трансродовите луѓе брза, транспарентна и пристапна постапка за правно признавање на родот.
Во разговор со Славчо Димитров од Коалиција Маргини, за процесот и проблемите низ кои поминувало тоа лице, кој траел од 2011 година, каде што лицето било жртва на пинг-понг игри помеѓу различни институции во државава, а во целиот тој период лицето не можело да стигне до своите лични документи во коишто е признаен неговиот род и со кој би можел нормално да функционира во своето секојдневие и цел тој процес го изложувало на дополнителен стрес, траума, понижување во сите институции и каде би требало да прикаже лични документи.
„Она што беше најтрауматично е ситуацијата на молчењето на институциите, односно двосмисленоста со која што постојано постапуваа. Од 2011 година, кога почнува овој процес во Македонија, првично со промената на името и презимето во личните документи од страна на МВР, Управата за водење на матична евиденција одбива да му ја смени ознаката за пол и кодот во матичниот број во личните документи. Оттогаш овој процес оди до Управниот суд, па повторно до Управата за водење на матична евиденција, па назад во Управен суд, којшто и наложува во три наврати на Управата дека не и е издржана одлуката. Прво поради тоа што не постои никаде законски акт којшто бара или наложува дека лицето треба да приложи медицинска документација за извршена промена на полот, второ поради тоа што законското решение е апсолутно нејасно и не постои соодветна законска рамка дека лицето е ставено во правна несигурност“, вели Димитров.
Одлуката за пресудата од Стразбур е токму поради непостоењето на брза, ефикасна и пристапна процедура, односно, отсуството на јасна законска рамка со која ќе се гарантира правното признавање на родот.
„Тоа значи дека по овој случај државата треба да седне и во најбрза постапка да почне со подготвување на соодветно законско решение за правно признавање на родот. Во спротивно ситуацијата ќе биде онаква каква што беше и поради која што се доведовме пред Европскиот суд. Ќе има и други случаи кои ќе бидат оставени во таа лимбо ситуација, ќе бидат изложени на арбитрерните одлуки на чиновници, на административци и на управата, за кои постои можност повторно да ги прекршуваат правата и ќе треба да се ставаме во ситуации да ја даваме државата пред Европскиот суд што секако не и оди во полза, особено не на држава која што моментално аспирира да биде членка на ЕУ“, додава Димитров.
А. Петровска