ВЕСТ НА ДЕНОТ
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска прими висока делегација од ОБСЕ предводена од високиот комесар за национални малцинства на ОБСЕ, Каират Абдрахманов, придружуван од Шефот на мисијата на ОБСЕ во Северна Македонија амбасадорот Клеменс Која.
На средбата премиерот Ковачевски ја изрази својата увереност дека Владата на Република Северна Македонија воочи претстојното претседателството со ОБСЕ ќе продолжи да ги негува вредностите на праведно мултиетничко општество со еднакви можности за сите согласно стратегијата „Едно општество за сите“.
„Годината 2023 ќе биде мошне важна и за Северна Македонија и за ОБСЕ и се надевам дека за време на нашето претседателство со ОБСЕ, кое што ќе го преземеме идната година, ќе имаме целосна соработка и ќе се посветиме на решавање на важни прашања“, подвлече Ковачевски.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
-Како и за сите нови луѓе коментари на недоверба ќе има. Овој процес ќе трае. Затоа што имаме опседнатост од минатото во актуелната политика кое влијае врз јавноста. Оваа посета ја ставам во контекст на подобрување на надежта дека може во догледно време да дојде до надминување на минатото кое нѐ опседнува, изјави амбасадорот Виктор Габер во Утрински брифинг.
ФЛЕШ ВЕСТИ
БИЛАТЕРАЛНА СОРАБОТКА Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски го прими амбасадорот на Република Франција во нашата земја, Сирил Бомгартнер.
На средбата беше истакнато дека од 2020 година, после средбата на претседателот на Француската Република Емануел Макрон со поранешниот премиер Заев, Франција и Северна Македонија испишуваат ново поглавје на соработка кое се рефлектира со првата инвестиција со соларниот парк на компанијата „Акио Енерџи“ вреден преку 270 милиони евра, како прва инвестиција од Франција после 12 години и со влегувањето на Француската агенција за развој којашто во партнерство со Развојната банка на Северна Македонија планира значајни инвестициони проекти за поддршка на бизнис секторот, за локалната самоуправа, за граѓанскиот сектор и за други области.
ЗДРАВСТВО Промените во Комисијата за заразни болести ќе бидат во насока на проширување и дополнување на нејзиниот состав, со нови, професионални кадри од повеќе области. Во тек се дискусиите, а во таа насока денеска имав состанок со претседателот и секретарот на Комисијата, изјави министерот за здравство Беким Сали.
ПРАВДА Во Основниот граѓански суд во Скопје денеска се собраа Јордан Камчев, Бојан Јовановски, Катица Јанева и Зоран Милески-Кичеец каде се одржува граѓанската парница покрената од Камчев, кој не се појавил на рочиштето.
ДИГИТАЛИЗАЦИЈА Денеска се одржа третиот од серијата јавни настани „Дигитални предизвици за општествена трансформација“, организиран од страна на Институтот за добро управување и евро-атлантски перспективи (ИДУЕП) и фондацијата „Фридрих Науман“.
КОВИД МЕРКИ Британскиот премиер Борис Џонсон вчера најави дека следната недела ќе ги укине повеќето рестриктивни мерки воведени за контрола на омикрон сојот на коронавирусот во Велика Британија, како и дека во март планира да ја укине изолацијата за луѓето кои биле позитивни на вирусот.
БРЗА ПОШТА
„Неопходно е потребно сообраќајот да се регулира и контролира секојдневно, посебно во вршните часови. Хоризонталната и вертикална сигнализација мора да биде беспрекорна, светлосната сигнализација да биде ускладена и синхронизирана. Потребно е да се направи денивелирање на најфреквентните крстосници во централното градско подрачје. Потребно е да се направат бајпаси на места каде што на километри нема сообраќајници (подвозник, надвозник, мост) кои треба да ги спојуваат густо населените делови од градот (Аеродром-К.Вода, Аеродром-Г. Баба).“, во Брзата пошта од Киро Ристовски „Решавање на проблемот во однос на обука на новите возачи и креирање гужва во Скопје“
СЛОБОДНА ЗОНА
„По изборните расплети и во Бугарија и во Македонија и доаѓањето на две нови личности на чело на владите и во Софија и во Скопје, започнува нова, неизвесна, но понадежна фаза во односите меѓу двете земји. Несомнено, посетата на Петков на Македонија го потврдува ваквиот впечаток. Очигледна е искажаната желба и на бугарска и на македонска страна работите да мрднат „од мртва точка“.“, прочитајте во колумната на Сашо Орданоски „Македонско-бугарските односи мрднаа од „мртва точка“.
„Активностите на Русија ќе бидат тест за француската стратегија за „барачки дијалог“. Москва никогаш немала ниедна веродостојна причина да распореди повеќе од 100.000 војници околу Украина додека истовремено ја поттикнува воената реторика. Украина не планирала и не планира никаква офанзивна воена операција во Донбас. Напротив, заедно со Франција и Германија како посредници, цела 2021 година ја поминавме во потрага по политички и дипломатски решенија врз основа на договорите од Минск.“, пишува Дмитро Кулеба, министер за надворешни работи на Украина во колумната „Безбедноста на Украина е безбедност на Европа“.
„Претседателот Путин и понатаму на украинската граница држи повеќе од 100.000 руски војници, кои неодамна извршија прераспоредување на руските сили во Белорусија и додатни маневри на источната граница на Украина. Запад смета дека ова е исклучително опасна ситуација и дека Русија во секој миг би можела да изврши напад врз Украина. Америка и НАТО се исклучително загрижени поради раздвижување на руските трупи кон Белорусија поради најавената заедничка воена вежба која би можела да се искористи за напад врз Украина. Кремљ ги отфрла овие обвинувања и ја обвинува западната коалиција дека за тоа нема докази и дека, како и обично, САД шират сензационалистички вести.“, прочитајте во анализата на Александар Николиќ Писарев „Завршна фаза на мирот или почеток на војна во Украина“.
„Вчера во Скопје имаше убав гест, наместо да се „тепаат“ за крстот, верниците решија здружено и прегрнати да го фатат. Пораката што ја упатија беше дека македонскиот народ треба да биде сплотен, заедно и да не се дели. Но, пораката за сплотеност и заедништво „им падна во вода“ откако почнаа да извикуваат „Никогаш Северна, само Македонија“…“, Дехран Муратов во колумната „Кога жртвите на пропагандата ќе зуцнат“.
Д. Тахири












