АЛЕКСАНДАР НИКОЛИЌ ПИСАРЕВ
Шатл дипломатијата на новата германска министерка за надворешни работи Аналена Баербок на релација Киев – Москва, посетата на американскиот државен секретар Ентони Блинкен на Украина и закажаниот разговор со рускиот шеф на дипломатија Сергеј Лавров во петок во Женева, укажуваат на сериозноста на ситуацијата на границата со Украина и на одлучноста на САД и европските партнери да се спречи евентуалната војна во овој дел на Европа.
Минатонеделните разговори на делегациите на Русија со претставниците на НАТО, ЕУ и ОБСЕ не дадоа видливи резултати, бидејќи Москва остана забарикадирана во своите барања Запад да ѝ обезбеди цврсти гаранции дека НАТО нема да се шири на Исток. Во меѓувреме, Путин реши да изврши прегрупирање на воените сили околу Украина и да распореди трупи во Белорусија во близина на украинската граница.
„Вагнер“ свири по руски ноти
Жителите на Украина се во постојан страв дека Русија во секој миг ќе ја нападне нивната земја, посебно откако Москва овој викенд ја заостри реториката и почна со натрупување на руските воените сили во Белорусија. Посебно загрижува и распоредувањето на руските паравоени формации затскриени зад таканаречената служба за обезбедување имот и лица „Вагнер“ кои се обучени за специјални операции и се под опсервација на Западот.
Вашингтон смета дека претстојните заеднички воени маневри на вооружени сили на Русија и Белорусија можат да ѝ послужат на руската страна како изговор за напад на Украина од северна страна. Зборувајќи пред членовите на американската амбасада во Киев, Блинкен оваа недела објаснил дека рускиот претседател Путин планира уште повеќе да го засили военото присуство во близина на границата со Украина, иако сегашната бројка на војници е околу 100.000.
Председателот Путин и понатаму на украинската граница држи повеќе од 100.000 руски војници, кои неодамна извршија прераспоредување на руските сили во Белорусија и додатни маневри на источната граница на Украина. Запад смета дека ова е исклучително опасна ситуација и дека Русија во секој миг би можела да изврши напад врз Украина. Америка и НАТО се исклучително загрижени поради раздвижување на руските трупи кон Белорусија поради најавената заедничка воена вежба која би можела да се искористи за напад врз Украина. Кремљ ги отфрла овие обвинувања и ја обвинува западната коалиција дека за тоа нема докази и дека, како и обично, САД шират сензационалистички вести.
Новата германска министерка за надворешни работи Аналена Баербок се обидува да ја спушти тензијата и оваа недела ги посети Киев и Москва со цел во понатамошните преговори, покрај Украина да учествуват и Франција, Германија и Русија. Таа рече дека поделбата на Европа на зоните на влијание која ја посакува Русија и која е порано видена во историјата не е прифатлива и евентуалната воена акција во Украина за остварување на оваа цел би имала превисока цена за Москва – економска, безбедносна и политичка.
И додека Европа размислува каков одговор би можела да смисли во случај на руска интервенција во Украина, Москва не отстапува од своите барања НАТО да го запре проширувањето и да се откаже од военото присуство во источна Европа, а за тоа да ѝ обезбеди на Москва цврсти гаранции.
Баербок: Нема отстапување од основните принципи
Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок, иако е многу помлада од нејзиниот руски колега, покажа оваа недела големо трпение во разговорите со Сергеј Лавров и дипломатска зрелост да ја претставува Германија, а со тоа и Европа, во овие критични моменти за нејзината безбедност. Во пресрет на посетата на Москва таа изјави дека е важно Русија да разбере дека новата федерална влада на Германија сака да има цврсти и стабилни односи со Русија без оглед на многу конфликтни теми за кои треба да се разговара.
„Спремни сме за сериозен дијалог и договор за наредните чекори кои на сите во Европа ќе им гарантираат поголема сигурност – вклучувајќи ја и Русија. Но не можеме и нема да отстапиме од основните принципи на неповредливост на границите и право на избор на секоја држава во какви сојузи ќе стапува. Нема да дозволиме закани да се употребуваат како инструмент на политиката и спремни сме одлучно да одговориме доколку Русија тргне во ескалација на состојбата“ – изјави германската министерка за надворешни работи.
Како што пренесоа светските медиуми, Баербок на заедничката конференција за печатот во Москва вербално успеала да го разоружи својот руски колега свртувајќи ја малку темата на „периферни работи“. Зборувајќи за сличностите со соседната земја во културата и економијата, таа ја повика Москва на дијалог и дипломатија во руско-украинските односи. Но и со критичка нота зборувала за руската внатрешна политика спомнувајќи го односот на Москва кон опозиционерот на Путиновата политика, Алексеј Навални и неодамна забранетата организација за човековите права „Меморијал“.
„За Германија е важно да биде во постојан дијалог со Русија, да има полно почитување кон Москва, но и јасно да ја критикува нејзината политика“. По ваквиот настап на Баербок, Лавров успеал да се воздржи од своите вообичаени сарказми и ја изразил спремноста на Москва за подобрување на односите со Берлин кои, во овој момент, се на најниското ниво.
Блинкен го чека Лавров во Женева
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен тргнува на европска турнеја со единствената цел да ги смири и намали тензиите со Москва околу Украина. По средбата со украинскиот државен врв во Киев, во петок е планирана средба на Блинкен со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во Женева. Се очекува Блинкен, во петок, со полна сериозност да ја повика Русија веднаш да преземе неопходни чекори за деескалација на тензиите вдолж границата со Украина.
Во пресрет на почетокот на овие разговори, високиот претставник на Стејт департментот изјавил дека САД се подготвуваат „за поинаков резултата од разговорите“ доколку Москва продолжи со воените агресивни мерки околу Украина.
„Сега сме во фаза во која Русија во секој миг може да изврши напад на Украина“. САД се подготвуваат и за поинакво сценарио доколку Москва се одлучи за воена агресија против Украина.“
Блинкен во пресрет на средбата со Лавров која е најавена за во петок, вчера разговарал по телефон со Лавров и му ја нагласил важноста по дипломатски пат да се пронајде начин за успешно надминување на кризата која е длабоко загрижувачка поради натрупување на руската војска во близина на Украина.
„Дипломатијата не е мртва изјавил претставникот на Стејт департментот вчера на новинарите во телефонскиот брифинг нагласувајќи дека „Американската страна верува дека единствениот начин оваа напнатост да се реши е дипломатскиот пат“.
Блинкен ја повторил непоколебливата посветеност на САД на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и нагласил дека секоја дискусија за европската безбедност мора да ги вклучи и сојузниците на НАТО и европските партнери, вклучувајќи ја и Украина.
Тој по разговорите со Лавров ќе отпатува во Берлин на состанокот со германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок за да ги разменат мислењата околу дипломатскиот ангажман со Русија и заедничките напори Русија да се одврати од понатамошното агресивно однесување кон Украина, соопштил американскиот Стејт департмент.
Додека американскиот државен секретар Антони Блинкен води дипломатска битка со Русија, Бајденовата администрација, загрижена поради можна руска инвазија, веќе соопшти дека ѝ дава на Украина додатна воена помош во вредност од 200 милиони долари.
„Посветени сме на суверенитет и територијалниот интегритет на Украина и ќе продолжиме да ја даваме потребната помош на Украина, изјави високиот претставник на Стејт департментот. Во наредните денови, германската министерка за надворешни работи повторно патува во Украина, овојпат заедно со својот француски колега, и планира да ги посети подрачјата недалеку од линијата на фронтот, а потоа сака да го заживее таканаречениот Нормандиски формат во преговорите околу Украина, во кои ќе бидат вклучени Германија, Франција, Русија и Украина.
Украинското раководство подолго време инсистира и тие да бидат вклучени во разговорите. Во минатонеделните разговори, во повеќе наврати и претставниците на НАТО, САД и ЕУ нагласија дека ни една одлука која се однесува на Европа, НАТО или Украина нема да биде донесена без Европа, без НАТО и без Украина.
Украина не може да чека
Да потсетиме дека приемот на Украина во НАТО во 2008 година беше привремено симнат од дневен ред, но задржана е формулација дека Украина перспективно може да стане членка на НАТО.
Тоа значи дека перспектива за членство на Украина во НАТО останува и понатаму отворена и одлуката ќе зависи исклучиво од волјата на Украина како самостојна и суверена држава и спремноста на сите членки на Алијансата со консензус да ја примат во своите редови. Русија тука е немоќна. Така што и денес, по 14 години, таа опција останува потполно отворена и за Украина и за Грузија. И граѓаните и политичкиот врв на двете земји со право може да му го постават прашањето на Западот – добро, дали вие мислите да нѐ примите или не, бидејќи ние сме и понатаму пред вратата во, не до крај, дефинираниот статус. Значи, процесот ниту е запрен, ниту се движи, но поради ескалацијата на украинската граница, тој е закочен, што создава нервоза во овие две земји, бидејќи перспектива постои, таа е сега подгреана, прашањето е актуелизирано.
Русија бара брз одговор од САД, но НАТО не функционира на тој начин
Проблемот додатно го оптоварува прекинот на дипломатските односи меѓу Русија и НАТО. И се создава впечаток дека целиот разговор го водат Русија и САД, заборавајќи на комплетната инфраструктура и институциите на Алијансата и начин на одлучување со консензус. А Русија бара брз одговор од САД, сака да слушне ДА или НЕ за, како што велат тие, „демилитаризација на Источна Европа и нераспоредување на тактичко нуклеарно вооружување вон матичните земји“.
Русија за тоа бара писмени гаранции и брз одговор. Но НАТО не може, како што тоа Москва го бара, брзо да одговори бидејќи секоја одлука во НАТО се носи со консензус и секое прашање мора до последна точка да биде разгледано и усогласено на ниво на сите членки. Бидејќи при носење на такви одлуки гласот на секоја членка, ма колку таа била голема како САД, Германија, Франција или мала како Северна Македонија, носи еднаква тежина.
Москва се обидува да внесе раздор меѓу европските партнери и САД и да ја заобиколи ЕУ во преговорите создавајќи ја рамката за преговорите меѓу САД и Русија. Меѓутоа и на НАТО и на Америка им е јасно дека безбедноста на Европа мора да се креира во договор со земјите од Европа и цврсто ќе бара секој понатамошен дијалог за безбедноста на Европа и состојбата во Украина да ја вклучи и ЕУ. Сѐ друго е незамисливо.
Првиот сет на санкции е на сила
Европската унија воведе санкции против челниците и сопствениците на таканаречената агенција за обезбедување имот и лица „Вагнер“ од Русија, бидејќи е очигледно дека зад оваа компанија се кријат руските паравоени структури кои учествуваат во борбите на исток од Украина. Брисел ги обвинува нивните специјалци за убиства и тешко кршење на човековите права.
Официјалните претставници на „Вагнер“ и трите компании кои имаат деловни врски со нив, се ставени на црна листа и забранет им е влез на територијата на Европска Унија, а нивниот имот во ЕУ е замрзнат. Фирмите од ЕУ, според одлуката на Брисел, не смеат да имаат деловни врски со овие компании.
Брисел оценува дека „Вагнер“ е приватна компанија за обезбедување која своите активности всушност ги насочува кон подривање на безбедноста во Европа и нејзиното соседство. Безбедносните кругови во Европа оваа компанија ја нарекуваат „руска армија во сенка“, додека Кремљ отфрла било каква вмешаност на „Вагнер“ во Украина или во воени активности било каде, тврдејќи и понатаму дека станува збор само за компанија која се бави со обезбедување на имоти и лица.
Меѓутоа, припадниците на „Вагнер“ ги изведуваат обуките на воените полигони на Руската армија и на тајните служби и оспособени се да ракуваат со најсложените руски воени инсталации и оружја.
Хибридна војна
Москва продолжува да води хибридна војна во сајбер просторот. Микрософт на својот блог во саботата (15 јануари) објави дека во првите десет месеци од минатата, 2021-ва година, Русите извеле 288.000 сајбер напади, а во 2020 година дури 397.000 хакерски напади на разни институции и сајтови.
Се тврди дека во 2015 година руските хакери извршиле напад на деловите од електричната мрежа поради што 250.000 Украинци немале струја и греење. Украина е веќе погодена со масовни сајбер напади на нејзините институции. Нападнати се неколку министерства меѓу кои и Министерството за надворешни работи. Нападот е изведен веднаш откако преговорите кои се водеа минатата недела во Женева, Брисел и Виена на кои се одбиени сите руски барања – пропаднаа.
Руските хакери оставиле и порака на веб сајтот на украинското министерство за надворешни работи во која се вели ги имаме сите ваши информации и тие се сега јавни. Плашете се, очекувајте го најлошото, тоа е вашето минато и вашата иднина. Како разултат на нападот, сајтовите на министерството и неколку државни институции привремено не работеа.