ВЕСТ НА ДЕНОТ
Северна Македонија и Грција потпишаа Договор за изградба на интерконектор за природен гас
Министерот за економија, Крешник Бектеши и министерот за животна средина и енергија на Република Грција, Костас Скрекас, денеска во Атина го потпишаа Договорот помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Грција за развој на интерконекцијата за пренос на природен гас Грција-Северна Македонија. На потпишувањето на договорот присуствуваа претседателот на Владата Зоран Заев, заменикот на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, извршниот директор на „Национални енергетски ресурси“ АД Скопје, Бајрам Реџепи, како и амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Република Грција, Џефри Пајат.
Со потпишувањето на овој Договор се гарантира намерата на Владите на двете земји да ја прошират постоечката соработка во енергетскиот сектор, со цел да ја зајакнат соработката во секторот за гас преку промовирање на интерконекцијата на нивните гасни системи.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Царовска: Oбразованието е најмоќна алатка за позитивна трансформација на општеството
„Реформите кои ги правиме во образованието ќе им помогнат на младите да прераснуваат во добри луѓе кои ќе знаат како да ги почитуваат различностите во општеството, односно соживотот со различни од себе, да го сметаат за придобивка. Ќе знаат да ја ценат важноста на родовото прашање, да разликуваат добро од лошо, да препознаваат и да одбегнуваат иницирање на секаков облик на насилство, вклучително и говор на омраза кој е особено застапен на интернет-просторот. Фокусирани сме и на медиумска писменост и препознавање и ненаседнување на лажни вести и овие теми се исто така дел од новите наставни програми изготвени врз основа на усвоена нова Концепција за основно образование во мојата земја,“ потенцираше Царовска.
ФЛЕШ ВЕСТИ
РЕАКЦИЈА Министерството за надворешни работи ги осуди предизборните спотови објавени во Бугарија во кои се изразуваат територијални претензии и еднострани чувства за припадност и присвојување кон нашата држава.
ЕВРОИНТЕГРАЦИЈА Словенија е голем поддржувач на евроинтеграцијата на Северна Македонија.
ДУБРОВНИК ФОРУМ Министерот за надворешни работи Бујар Османи, денеска и утре ќе учествува на традиционалниот Дубровник форум, оваа година тематски насловен „’Пост’ – пандемиска геополитика – заедништво во поделен свет”.
РДФ Нема да се дозволи увоз на РДФ додека не се обезбедат услови за соодветна контрола.
НАРОДЕН ПРАВОБРАНИТЕЛ Народниот правобранител апелира до организаторите на протести, од било кој вид, како и до родителите/старателите да внимаваат во поглед на инволвирање на децата во истите.
СРЕБРЕНИЦА Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денес имаше средба со Ферид Мухиќ, Илија Николовски и Зеќир Рамчиловиќ, во знак на симболично одбележување на годишнината на геноцидот во Сребреница.
КОВИД 19 Нема потреба од нови рестриктивни мерки, акцентот се става на вакцинацијата.
Вакцинирани 27 лица со интелектуална попреченост од Заводот за рехабилитација на деци и млади во Топанско Поле како дел од теренската вакцинација против Ковид 19.
МРЕЖА
„Ај прво симнетеги она врховистине од бронзенине коњи што ги натопуривте по скопјево па после продавајте патриотски резолуции и идентитетски пуфки“, коментира Зоран Иванов на својот Фејсбук профил.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Со оваа „резолуција“ само уште еднаш се манипулира јавноста и се прави обид да се киднапираат процесите. Евтин трик за политички профит пред локалните избори. Нелогично е да се бара донесување резолуција за нешто што веќе е државен став – не се преговара за јазикот и идентитетот во ниту еден процес. Повеќе од доволно е да се каже и дека предлогот доаѓа од политичка партија која направи сѐ што можеше и не можеше да се замисли за да ја оддалечи земјата од евроатлантските интеграциски процеси. И ја разедини и ограби земјата“ пишува Џабир Дерала во „Резолуција за национални интереси или политичко профитерство и киднапирање на процесите?“
Ирена Крџиќ