Министерката за култура, Ирена Стефоска, донесе одлука за престанок на мандатот на в.д. директорката на НУ Театар Комедија-Скопје, Нора Шаќири – Марковиќ, по добиениот Извештај од Државниот инспекторат за труд. За нов в.д. директор е назначена актерката Магдалена Ризова – Черних која и е вработена во театарот, информираат од Министерството за култура.
„Во Извештајот е констатирано дека раководното лице презело активности спротивни на член 34 став 1 алинеа 3 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, член 8-а став 1 алинеа 3 од Изборниот законик и член 11 од Законот за заштита од вознемирување на работно место. Со тоа се потврдува дека раководното лице водело и ја завршило дисциплинската постапка врз вработени во време на изборен процес“, соопштија од Министерството.
Со реакција се огласи разрешената в.д директорка на Театар Комедија, Шаќири-Марковиќ. „Како директор поведов дисциплинска постапка за вработен кој без никакво образложение, без слободни денови, по завршувањето на колективниот одмор замина на патување и истото го поткрепи со фотографии и за истото се изјасни пред комисијата која го донесе решението за дисциплинска казна дека е виновен и казната ја прифати“, пишува таа на незиниот Фејсбук налог.
Како што наведува Шаќири – Марковиќ, по анонимна пријава за мобинг пратена до вицепремиерот за борба против корупцијата, Љупчо Николовски, во театарот дошол вонреден инспекциски надзор односно Државниот инспекторат за труд, кој донел записник во кој се наведува дека „инспекторот на труд не може да донесе инспекциска мерка врз основа на член 22 и 23 од Закон за спречување на корупција и судир на интереси“ и предметот ќе биде испратен до ДКСК како надлежен орган.
„Во однос на ова сакам да ве известам дека до овој момент од ДКСК ништо не е пристигнато, па по тој основ решението за мое разрешување е неосновано и дека во институцијата не е стигната никаква пријава за вршење на мобинг од мене кон вработен“, смета Шаќири-Марковиќ.
Таа вели дека е горда на досега направеното, на работењето согласно закон и враќањето на комуникацијата, разбирањето и почитта меѓу вработените, дека има нивна безрезервна поддршка, и дека се изборила театарот да се врати во полн сјај без долгови, со три нови претстави, со прекрасен репертоар и неколку фестивали од кои два во продукција на театарот.
„Судете сами дали недоаѓањето на работно место е казниво за раководното лице или за лицето кое не се појавува на работното место без образложение“, вели разрешената в.д. директорка на Театар Комедија, Нора Шаќири-Марковиќ.
Ц.Д