Министерот без ресор задолжен за регулатива за подобрување на инвестициска клима за домашните претпријатија, проф. д-р Зоран Шапуриќ, ја демантира веста објавена на порталот Лидер и преземена од други медиуми и портали за неговата поврзаност со Здружението на граѓани „Мултикултура“ од Тетово.
Во демантот се вели дека министерот прв пат дознава дека бил наводно член на оваа невладина организација од медиумите.
„Веродостојноста на ова наше тврдење може да се провери и во Централниот регистар каде со сигурност може да гарантираме дека името на професорот Шапуриќ нема да излезе бидејќи никогаш не потпишал, ниту се согласил да биде член на органи на здружението Мултикултура.
Уште повеќе, министерот Шапуриќ, во ниту еден момент не бил во управувачките структури на оваа организација, ниту присуствувал на било каква нивна седница“, стои во демантот од Министерството.
Оттаму бараат надлежните институции, доколку утврдат неправилности, да реагираат и да ја известат јавноста.
„Ги сметаме за тенденциозни тврдењата на одредени портали за било каква поврзаност на министерот Шапуриќ со доделување на средства од Министерството за одбрана и сметаме дека со нив се сака да се фрли дамка врз работата на Министерот за одбрана Радмила Шеќеринска во овие чувствителни моменти на влез на Македонија во НАТО, да се наруши угледот не само на овие посочени министри туку и на целата Влада но и на ЛДП како политичка партија од чии редови е министерот Шапуриќ“, се вели во демантот.
Од Министерот без ресор задолжен за имплементација на Стратегијата за Роми 2014-2020, Аксел Ахмедовски, сѐ уште нема реакција на веста на Лидер каде се поврзува со невладината организација „КХАМ“ од Делчево.
Б.Ј.