„Војската е голем систем и кога тој систем има проблеми какви што ги има, многу е тешко да направите приоритет за решавањето, но најважно е дека од големата листа еден голем дел од прашањата се решени. Ако на првиот конкурс за 120 места имавме 200 кандидати, на претпоследниот конкурс за 70 места имавме 7000, а за 200 војнички места имавме 2000 кандидати и тоа за мене е најголемиот комплимент. На крајот, Армијата за прв пат стекна впечаток дека системот се враќа во нормала, дека се води сметка и дека тоа што ќе го најавам, нема да се заборави следната година“ – изјави Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, во гостувањето на Топ Тема.
„Северна Македонија ја доби истата оценка од Транспаренси Интернешенал како лани, не помала. Тоа не е доволно, но е добро за да ја засилиме уште повеќе борбата со корупцијата која со години беше инсталирана и вкоренета во инстутуциите. Извештајот на Транспаренси Интернешенал кој го добивме пред 3 месеци, ја рангираше Северна Македонија на второ место од земјите на Централна и источна Европа според индексот на интегритетот на Владите во секторот одбрана. Зад нас се сите земји од регионот, а успеавме да бидеме подобри и од четири членки на Европската Унија и шест земји кои што одамна се членки на НАТО“ – истакна Шекеринска во интервјуто, одговарајќи на прашање во врска со индексто за перцепција на корупцијата од Транспаренси.
„Ние имаме во 2020 оценка вкупна 5,89 која е повисока од таа што ја имавме пред три години и единствено што е точно е дека имаме назадување во однос на 2019. Секоја година по ред ние имаме подобрување за начинот на организирање на изборите, ова беше нашиот главен проблем до 2016, за тоа оваа година имаме највисок скор што сме го имале. Вториот критериум функционирањето на владата сме почнале од 5 па 5,36 сега имаме 6,11. Единственото место каде имаме намалување на скорот е во делот на политичкото учество и кај политичката култура“ – објасни Шекеринска.
„Кога сме власт, носиме одговорност и за тоа што е добро и за тоа што е лошо ,ама кога зборуваме за пописот и дека за некои прашања не смееме да правиме политички спектакл од тоа, за ова зборувам. Интегритетот во одбраната за кој се искачивме на второ место во Централна и Источна Европа е исто така резултат на извршната власт, како и транспарентноста која е заштитен знак на оваа влада а е главна алатка во борбата против корупцијата. Борбата со корупцијата е комплексен процес, но во Владата постои силна политичка волја да се бориме“ – истакна Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.
С. М. Ж.