Денот кога започна Шарената револуција, 12 април, ќе остане запаметен во македонската историја како симбол на борбата против режимот и диктатурата на една власт која никогаш повторно не смее да ни се случи. Борбата продолжува.
На овој ден, се сеќаваме и на сите други протести, граѓански иницијативи и движења со кои граѓанките и граѓаните на Северна Македонија го изразуваа својот протест против недемократските политики и практики на било која власт, во било кое време.
Пораката на ЦИВИЛ по повод овој ден е:
Борбата за човекови права и слободи, правда, слобода и еднаквост во нашето општество продолжува.
Сеќавањата на Шарената револуција мора да продолжат да живеат како сведоштва за моќта на гласот на обесправените, моќта на граѓанките и граѓаните кои сите овие години не останаа неми, глуви и слепи на неправдите.
Со цел да ги одбележи сите граѓански протести за човекови права, слобода, правда и еднаквост, ЦИВИЛ во 2018 година започна Иницијатива за одбележување на 12 април како Ден на граѓанскиот пркос. Иницијативата е доставена и до Собранието на РСМ, но таа најмногу се однесува на граѓанките и граѓаните, без оглед на тоа дали овој датум ќе биде прифатен и признаен од политичарите и институциите.
Со оваа иницијатива, ЦИВИЛ им оддава длабока почит и признание на сите слободољубиви граѓанки и граѓани кои поминаа месеци и години на улиците низ целата земја, барајќи почитување на човековите права и слободи за сите.