Русија изврши нов масовен воздушен напад врз Украина во ноќта кон 1 септември, со најтешки последици во Кијив, Кијивската област и Одеската област. Според украинските и меѓународните извештаи, нападот врз главниот град и околината продолжува веќе шести последователен ден, додека бројот на жртвите повторно расте со пристигнувањето на нови информации од спасувачките служби.
Амбасадорката на Украина во Северна Македонија, Лариса Дир, во објава на платформата X порача дека Русија во текот на ноќта кон 1 септември употребила балистички и крстосувачки ракети, меѓу нив „Калибар“ и „Циркон“, како и беспилотни летала.
„Во текот на ноќта кон 1 септември, РФ изведе масовен напад врз Кијив и Кијивскиот регион со употреба на балистички и крстосувачки ракети – вклучувајќи ги ‘Калибар’ и ‘Циркон’, беспилотни летала. 12 загинати, десетици повредени. #StopRussia“, напиша Дир.
Во текот на ноќта кон 1 септември, РФ изведе масовен напад врз Кијив и Кијивскиот регион со употреба на балистички и крстосувачки ракети – вклучувајќи ги „Калибар“ и „Циркон“, беспилотни летала. 12 загинати, десетици повредени.#StopRussia pic.twitter.com/9W9EHyLMIl
— Larysa Dir (@dir_larysa) September 1, 2026
Бројките во текот на утрото се разликуваа и се ажурираа. Reuters првично јави за најмалку девет загинати и повеќе од десетина повредени во Кијив и околината, додека Associated Press објави најмалку 11 загинати и повеќе од десетина повредени. The Guardian, во ажурирањето во живо, јави за најмалку 12 загинати во руските ноќни напади врз Украина. Затоа билансот треба да се чита како привремен, до целосно завршување на спасувачките операции и официјалните ажурирања од украинските власти.
Според украинските воздухопловни сили, Русија во нападот употребила балистички ракети, противбродски ракети „Циркон“, крстосувачки ракети „Калибар“, противрадарски ракети Kh-31P, муниција S8000 „Бандерол“ и 218 ударни беспилотни летала и дронови-мамки. Украинската ПВО соопшти дека биле соборени или неутрализирани 199 воздушни цели, меѓу нив пет балистички ракети, пет ракети „Калибар“, две „Бандерол“ и 187 дронови. Главни цели на нападот биле Кијивската и Одеската област.
Во Кијив, според Associated Press, загинале осум лица, а меѓу жртвите има и деца. Во Бориcпиљ, во Кијивската област, ракети и дронови оштетиле станбена зграда и деловен објект, предизвикувајќи пожари и уривање на делови од објекти. Украинските служби за итни состојби евакуирале десетици луѓе и извлекувале лица од урнатини.
Одеската област исто така беше една од главните цели. Reuters јави дека руските проектили погодиле пристанишна и извозна инфраструктура, како и граничниот премин Орливка кон Романија, поради што граничната обработка била суспендирана. Погодени биле и енергетска инфраструктура и станбен објект, а во регионот бил пријавен пожар и најмалку едно повредено лице.
Овој напад се надоврзува на претходните масовни руски напади врз Кијивската област, меѓу кои и нападот врз складиштето за муниција во селото Мила, во Бучанскиот реон, каде што загинаа најмалку 37 лица. Тој напад предизвика силни експлозии, пожари, оштетувања на станбени објекти и установа за грижа за ранливи лица, а украинските власти отворија истрага за складирањето експлозивен материјал во близина на цивилни објекти.
Русија сè поочигледно се обидува да го претвори Кијив и пошироката украинска цивилна инфраструктура во простор на постојана воздушна тревога. Нападите со балистички ракети, „Калибар“, „Циркон“ и стотици дронови не се воени операции, туку чист терор врз цивилното население со убиени и ранети, оштетени домови, прекинати услуги, погодени пристаништа, гранични премини, енергетика и секојдневен живот претворен во хаос, ужас и смрт.
Пораката на Дир ја сумира суштината на украинскиот апел: Русија мора да биде запрена. За Украина тоа значи повеќе системи за ПВО и противбалистичка одбрана, повеќе ракети-пресретнувачи, посилни санкции против руската воена индустрија и прекинување на каналите преку кои Кремљ продолжува да произведува и набавува ракети и дронови.
Одговорот на демократскиот свет не може да биде само осуда по секој нов напад, туку заштита на украинското небо од рускиот терор врз цивилите. Секој ден, рускиот агресор извршува нови воени злосторства за кои мора да понесе одговорност.
Џ. Дерала












