„Денешните задушувања на демократијата каде што опстојува и практично функционира граѓанскиот сектор се задушувања во свилени ракавици. Денеска тоа се одвива со дискредитации со елиминирање на противници, со ширење на говори на омраза и така натаму…
„Тука граѓанскиот сектор, се што спаѓа во него, па дури и медиумите се клучниот дел којшто мора да биде оној јавен баланс, разумен глас којшто ќе воспостави вистински контекст, вистински баланс на она што е наплив на една индустрија на дискредитации на самата демократија преку дискредитирање и блатење на луѓе, активисти и така натаму.
Во таа смисла, сакам да го поздравам ЦИВИЛ, бидејќи во Македонија граѓанскиот сектор покажува експертски височини, меѓутоа, сè уште недоволно има моќ да мобилизира на пониско граѓанско ниво. Затоа е ЦИВИЛ драгоцена организација. Затоа она прочуено „граѓанки и граѓани“ на Џабир, коешто го слушаме во секое негово обраќање е практично она каде што во наредните години мора да се развие граѓанскиот сектор, тој тип на мобилизација, вистинска мобилизација на луѓето коишто треба да учествуваат во демократијата. Системот постои за луѓето, а не обратно. Тоа е она што мислам дека ЦИВИЛ, со сите напори што ги прави во последните дваесеттина години, да мобилизира на едно пошироко ниво, да ја шири свеста за тоа дека системот е тука да произведува услуги за луѓето, а не обратно, ја прави оваа организација посебна.“, изјави универзитетскиот професор и политички аналитичар Сашо Орданоски на одбележувањето на 20 годишнината на ЦИВИЛ.