Во изборниот материјал за спроведување на изборите спаѓа: кутии за гласање и паравани, обрасци на записници и дневник за работа на избирачкиот одбор, блок со гласачки ливчиња според изводот од Избирачкиот список, листи на кандидати, потпишан извод од Избирачкиот список, средства за обележување на лицата кои гласале (спреј и УВ ламба), графитно перниче, печати, упатство за гласање и друг материјал потребен за гласање.
Според правилата од Изборниот законик, упатството за гласање се истакнува на видно место на гласачкиот параван и на други видни места на гласачките места во согласност со Упатството издадено од Државната изборна комисија.
Упатството е печатено на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазиците и писмата на заедниците наведени во Преамбулата на Уставот на Република Северна Македонија.
Изборниот материјал го предава Државната изборна комисија на општинските изборни комисии, најдоцна од 72 часа пред денот определен за одржување на изборите.