пишува: ПЕТРИТ САРАЧИНИ
Повторно, и во оваа дебата за „рамковните административци“ што со години не добиваа ангажман а добиваа плата, бликнаа предрасудите и поделбите што со години го јадат и трујат општеството и јавноста. И, по којзнае кој пат, голем дел отровните тези, манипулации и предрасуди дојдоа од „критичката“, „либерална“ и „космополитска“ јавност, покрај сите невешти обиди да ги затскрие зад големи зборови.
Знаете добро дека зад оваа оценка следат и аргументи, па да одиме со ред:
– Највидливо за јавноста е одбивањето на директорот на ДПИ Пауновски да прими 35 од овие административци. Иако и според неговото образложение 12 од тие 35 ги исполнуваат условите за работа во инспекторатот, во голем дел од јавноста сите 35 се етикетираат како „неспособни“, „нестручни“ итн.
Што е побуда за таа неточна генерализација, ако не националистички предрасуди и одбивност кон одредена припадност?
– Зошто во речиси сите дискусии се крие фактот дека Пазарниот инспекторат добил и согласност за вработување на 15 нови инспектори, надвор од бројката од 35 распределени „рамковни административци“?
Верувам дека читате и вие, во голем дел од јавноста се „аргументира“ дека на ДПИ му требаат инспектори, а не неспособни „рамковни“ службеници. Па ете, фактите говорат дека инспекторатот добил ем 15 инспектори, ем 35 распределени по „Рамковен“, од кои 12 биле стручни, што значи дека 23 од нив не ги исполнувале условите. Види мајката, не биле сите 35 „неспособни“?!
– Самата синтагма „рамковни административци“ е дискриминирачка, вкалапува луѓе со различни идентитети, професии, нивоа на стручност, етничка припадност итн. во една категорија, што за јавноста обично се препознава како „нестручни и неспособни Албанци вработени од ДУИ“. Ама се користи.
Говори многу за тие што ја употребуваат. Во овој текст, затоа, ќе ја читате во наводници.
– Кога сме веќе кај Албанците, што мислите, кој е најдискриминиран во целата ситуација на „рамковни вработувања“?
Ако тие вработувања биле предвидени токму за нив, за да се елиминираат резултатите од претходната дологогдишната дискриминација и невработување на Албанците во јавниот сектор, а ги добиваат и нестручни и некомпетентни партиски војници, белким најдискриминирани се способните Албанци, кои не ги добиле тие места. Или можеби нема такви?
– И на крајот на краиштата, да пристапиме и кон коренот на проблемот, начинот на кој се изведоа овие „рамковни вработувања“, кои наместо решение за претходната државна децениска дискриминација на неколку етнички заедници, понудија модел за вработување кој беше злоупотребуван од партиите на власт и за партиски вработувања.
Кој е виновен за проблемот, тој што го создаде, или тој што сака да го реши?
Тој што вреска дека „рамковните Албанци се неспособни“, или тој што сака да им даде шанса да покажат колку се способни?
Подобро е овие луѓе да продолжат да земаат буџетска плата и да не работат ништо, или да добијат шанса да си ја заработат платата?
Па дури и да се послушаат оние најрадикалните „космополити“ и „борци за работнички права“ што велат дека овие „неспособни“ треба да се избркаат, нека ги поучат „вичните“ правници и адвокати меѓу нив – колку пенали и отпремнини би плаќала државата ако реши да отпушти работници кои не грешеле? Па кој не работи и не греши, нели? Дајте им шанса на луѓето да згрешат, мајку му стара.
П.С За среќа, потписникот на овие редови, никогаш не бил „рамковно“ ангажиран ниту вработен, цел свој живот. Па замолувам да ме поштедите од ова џвакање.