Во изборниот материјал за спроведување на изборите спаѓа: кутии за гласање и паравани, обрасци на записници и дневник за работа на избирачкиот одбор, блок со гласачки ливчиња според изводот од Избирачкиот список, листи на кандидати, потпишан извод од Избирачкиот список, средства за обележување на лицата кои гласале (спреј и УВ ламба), графитно перниче, печати, упатство за гласање и друг материјал потребен за гласање.
Според правилата од Изборниот законик, упатството за гласање се истакнува на видно место на гласачкиот параван и на други видни места на гласачките места во согласност со Упатството издадено од Државната изборна комисија. Упатството е печатено на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазиците и писмата на заедниците наведени во Преамбулата на Уставот на Република Македонија.
Изборниот материјал го предава Државната изборна комисија на општинските изборни комисии, најдоцна од 72 часа пред денот определен за одржување на изборите. Изборниот материјал за гласање во дипломатско-конзуларните претставништва (ДКП) го предава на овластено лице во Министерството за надворешни работи, најдоцна пет дена пред денот на одржување на изборите.
Според Изборниот законик, при предавањето на изборниот материјал се составува записник во кој треба посебно да се наведе вкупниот број на гласачки ливчиња со сериските броеви и потребниот број листи на кандидати што се истакнуваат во просториите за гласање, како и друг материјал потребен за гласање. Записникот го потпишуваат претседателот и членовите на избирачкиот одбор и членот на општинската изборна комисија кој го предава материјалот. Ако присутните претставници на подносителите на листи имаат забелешки за предавањето на изборниот материјал, тие имаат право да им се овозможи да бидат евидентирани во записникот и тие да бидат основа во постапката за заштита на избирачкото право. При предавање на изборниот материјал право на присуство имаат и овластените набљудувачи.
А. Петровска