пишува: ПЕТРИТ САРАЧИНИ
Ви текнува што вели народот, што правел ѓаволот кога си немал работа? Во недостаток на некаква политичка понуда, е баш тоа им го прави постојано ВМРО-ДПМНЕ, на цела земја и на сите нејзини граѓанки и граѓани, веќе 30 години самостојност.
Еве сега им посметал датумот на локалните избори. Прво направија цела кампања, бараа одложување на пописот и се закануваа со бојкот, владејачкото мнозинство им го прифати тоа и пописот се одложи за септември, во помирни пандемиски услови.
Сега, ВМРО-ДПМНЕ инсистира локалните избори да се одржат на 17 октомври, што значи дека официјалната предизборна кампања (а да не зборуваме за онаа неофицијалната која е одамна почната) ќе се поклопи со финишот на пописниот процес, кој е мошне важно да се спроведе заеднички во земјата, со поддршка на сите политички актери, особено имајќи предвид дека останавме единствена држава во светот која нема спроведено попис веќе речиси 2 децении!
Но, зарем му е гајле на ВМРО-ДПМНЕ за државата, пописот, важните параметри што мораме да ги добиеме ако сакаме вистински да планираме подобра и одржлива иднина за сите граѓани? Очигледно не. Се е поочигледна намерата на ВМРО-ДПМНЕ да го злоупотреби пописот во функција на кампањата за претстојните локални избори.
И не е само ова. Тука е играњето со уставното име на државата во интерпелацијата за првиот човек на Собранието, Џафери. „Северна“ им пречи, освен кога треба да лапаат од неа и буџетот што го полнат граѓаните – плати, привилегии, патни трошоци итн. Тогаш „Северна“ не пречи.
Истото се случува и со куп други опструкции и инаетења, не само во Собранието. Како да заборавија луѓето во ВМРО-ДПМНЕ дека токму тој однос кон гласачите ги доведе во оваа позиција – на безидејна, слаба опозиција, без никаква понуда за граѓаните.
Наместо тоа, како и изминатата деценија и повеќе наназад, тоа што ВМРО-ДПМНЕ го нуди е старата подгреана манџа, полна поделби, омраза, инаетења, кочења, опструкции. Ништо ново, ништо конкретно за подобра иднина за граѓаните, туку постојано враќање во минатото.
Ни претстојат локални избори. Пред да ја донесат одлуката за кого ќе гласаат, граѓаните сакаат да слушнат решенија за нивните конкретни проблеми, за она што директно и најмногу ги засега и се случува во нивните маала, општини, градови. Некои политички партии го разбраа тоа, и веќе работат интензивно на претставување на нивните идеи пред граѓаните.
Но не и ВМРО-ДПМНЕ и нивните сателити, како Левица и други демек „патриотски“ партии. Наместо за локалните проблеми што најмногу ги тангираат граѓан(к)ите, тие повторно глушат и гушат со Бугарија, пописот, потпалување на меѓуетничката омраза…
Исто како во онаа поговорката за ѓаволот, кој си немал друга работа.