Статистиката како вакцина за демократијата и борба против дезинформациите. Ние веруваме дека со податоците добиени од статистиката ќе се носат политики базирани на факти наместо на дезинформации, истакна директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, на означувањето на официјалниот старт на проектот „Зголемување на употребата и достапноста на официјалните статистички податоци во Република Северна Македонија“ на кој ДЗС работи со Шведскиот завод за статистика.
Симовски ја истакна важноста од употребата на официјалните статистички податоци, особено во насока на носење на одлуки базирани на точни и релевантни податоци.
„Овогодинешното мото на Европскиот ден на статистиката е „статистиката – вакцина за заштита на демократијата и справување со вирусот на дезинформации“ и веруваме дека денешниот настан ќе придонесе за зголемување на официјалната статистика во носењето одлуки базирани на факти, наместо на дезинформации“, изјави Симовски.
Проектот, посочи Симовски, е од октомври 2020 година, но бил одложен поради Ковид-19 пандемијата и потоа за потребата од спроведување на пописот.
„Проектот се однесува на зголемување и натамошно развивање на институционалниот капацитет и знаење на Државниот завод за статистика. Тој не се фокусира само на статистичко производство, туку е поделен во четири компоненти – подобрување на ефикасноста на процесот, подобрување на опсегот и квалитетот на статистичкото производство, подобрена комуникацијата и координирањето на националниот статистички систем и подобрена ефикасност на управувањето со човекови ресурси“, изјави Симовски.
Очекуваме многу, посочи Симовски, но и подготвени сме да дадеме многу, бидејќи само со заедничко соочување со предизвиците може да очекуваме заедничко постигнување на резултатите.
камера: Дехран Муратов
монтажа: Ариан Мехмети