Едно дете загина во Источна Гута, при напад на сириските владини сили за кој се претпоставува дека е извршен со хемиско оружје, соопштија денеска бунтовнички извори.
Истите извори, како што информира Сирискиот центар за мониторинг на човековите права, посочуваат дека 14 лица се пожалиле на проблеми со дишењето откако авион на сириското Воено воздухопловство го нападнал селото Ал Шофаните во реонот на Источна Гута.
Сириската Влада досега жестоко ги отфрлаше сите обвинувања за напади со хемиско оружје. Бунтовниците претходно обвинија дека сириските владини сили извршиле напади со хлор во Источна Гута и на 13 и 22 јануари, но таквите обвинувања не беа потврдени од неутрални извори.
Како што јави ДПА, обвинувањата за наводен напад со хлор извршен вчера врз последното упориште на бунтовниците во близината на Дамаск, доаѓа по усвојувањето на Резолуцијата на Советот за бебзедност на ОН во саботата, со која се повикува на итно прогласување на 30-дневен прекин на огнот во Сирија, со цел да се овозможи достава на хуманитарната помош и да се изврши медицинската евакуација.
Извор: МИА
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.