Експресно нашите служби го открија заканувачот кој упатувал заканувачки пораки преку писма за ликвидација до државниот обвинител Љубомир Јовески и шефицата на обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска.
Според истрагата, зад заканувачките писма стои 56 годишниот битолчанец Стевче Зика. Писмо со заканувачка содржина испратил и до една странска амбасада во Скопје.
Против Зика е поднесена кривична пријава за загрозување на сигурноста според која е предвидена затворска казна од три месеци до три години.
Обвинителот Јовески алармираше дека на 26 јануари годинава, добил закани по животот преку препорачано писмо. Писмото испратено од Пошта Битола на 17 јануари, било напишано на македонски и англиски јазик, и во него се вели дека Јовески ќе биде убиен ако не ослободи од обвинение двајца новинари на ТВ Алфа. Од обвинителство информираа и дека постапката против новинарите е запрена, бидејќи нема место за постапување.
Ваквата експресна реакција на нашите институции наместо граѓаните да ја поздрават, наиде на низа коментари на социјалните мрежи, односно дека системот функционира само тогаш кога се работи за „главите“ на челниците.
Во изминатиот период има(ше) низа на заканувачки пораки, особено на социјалните мрежи, упатени кон граѓанските активист(к)и, жените, ЛГБТИ заедницата, политички неистомисленици итн… меѓутоа институциите молчат, или предметите (со години) сè уште им се во тек.
Граѓаните се изморени од селективна правда, тие бараат системот подеднакво да функционира за сите без разлика дали се работи за закана или говор на омраза кон обвинител(к)и, новинар(к)и, активист(к)и, политичар(к)и…
Како и да е, системот конечно профункционира, но до кога, и дали ќе функционира подеднакво за сите?
Дехран Муратов