Сите американски претседатели вечера беа претставени пред кумановската публика, по повод 500 годишнината од основањето на Куманово, а во чест и на големиот американски празник, 4 Јули.
“Портрети на американските претседатели” на Борче Тодороски опфаќа 45 портрети што ја отсликуваат американската историја и политика изработени во техниката графитен молив. Тодороски работел 2 години портретирајќи ги сите претседатели на САД, од Џорџ Вашингтон до актуелниот Доналд Трамп.
Изложбата се отвори во извонредниот амбиент на Занаетчиски дом, под покровителство на градоначаникот Максим Димитриевски и Општина Куманово.
Градоначалникот Димитриевски ја отвори изложбата потсетувајќи дека САД се голем пријател на Куманово. Димитриевски го истакна и фактот дека околу 3.000 кумановчани работат во состав на цивилните служби за поддршка на мировните мисии на САД низ светот. Тој ја искористи оваа прилика да заблагодари за американската поддршка на нашата земја и да им го честита 4 Јули, Ден на независноста на Америка.
Димитриевски изрази надеж дека ќе успее изложбата да ја претстави и пред американската публика.
Борче Тодороски е самостоен ликовен уметник од Прилеп, кој меѓудругото работел на дизајн на хартии од вредност за потребите на Народна банка на РСМ.
Б. Јордановска