Заев: Економските политики даваат резултати
Нов инвестициски циклус од 5 милијарди евра најави премиерот Зоран Заев на денешната прес конференција заедно со министерот за економија Крешник Бектиши при презентација на резултатите од најновата ревизија на Светската трговска организација.
„Создадовме реална, силна економија. Направивме се за да ја оттргнеме економијата од политиката. Ревизијата на СТО е уште еден доказ дека економските политики на Владата даваат резултат. Оваа, 2019, навистина ќе биде година на економијата“, потенцира Заев.
Министерот за економија Крешник Бектеши се осврна на актуелните владини мерки како борбата против сивата економија, МојДДВ…
Одговорајќи на новинарско прашање, Бектеши рече дека до крајот на годинава очекува земјава да биде дел од Спогодбата за јавни набавки со Светската трговска организација.
Транспарентност: Половина од општините не објавуваат редовно информации за јавните набавки
Само една од пет општини, поточно нецели 20 отсто, на своите интернет страници тековно ги објавуваат огласите за јавни набавки, покажа прегледот што Новинската агенција „Мета.мк“ деновиве го направи на страниците на 80 општини и Градот Скопје. Скоро половина од општините или 48% немаат објавено никакви податоци за јавните набавки или постоечките им се застарени.
Стари договори или празни категории за јавни набавки имаат 15 општини, а 21 општина немаат ниту тековни огласи, ниту линк до нивните огласи на Електронскиот систем за јавни набавки
Градот Скопје и уште 26 општини, пак, ги објавуваат само крупните јавни набавки, склучени договори или имаат објавено линкови до огласната страница на ЕСЈН. Една општина воопшто нема веб-страница, а други две имаат исклучително нефункционално присуство на интернет.
Според анализа спроведена од „МЕТА“, само 16 општини редовно и тековно ги објавуваат огласите за јавни набавки на своите веб-страници.
Предвремени избори
Донесувањето на законот за Јавното обвинителство не треба да се условува со предвремени избори, изјави денеска премиерот Зоран Заев.
„Ние не сме за предвремени избори. Решение треба да се изнајде, но не со предвремени избори. Ќе дадеме шанса на јавното помирување за да можат да работат работните групи, а тоа може да се случи уште оваа недела“, истакна Заев на прес-конференција во Владата.
Би биле лаици и непатриоти, дополни тој, ако со предвремени избори ги уништиме актуелните економски бројки.
Заев не сакаше да одговори на новинарско прашање во врска со информациите дека Катица Јанева наводно побарала „форензичко бришење“ на податоците во СЈО и упати одговор на ова да се побара кај надлежните органи. Воедно ги охрабри институциите да продолжат со истрагата.
Загадување: Ќумбињата во Скопје загадуваат колку 17 милиони автомобили
Ќумбињата во 17 општини во Скопската котлина во една грејна сезона загадуваат колку речиси 17 милиони стари дизел автомобили кои во истиот период секојдневно би минувале по 20 километри на ден, покажуваат податоците од истражувањето „Скопје се загева“ што од јануари до септември 2017 година го спровела Програмата на Обединетите нации за развој-УНДП во соработка со Град Скопје и Министерството за животна средина и просторно планирање.
Според истражувањето, се проценува дека во Скопската котлина има 133.633 домаќинства, од кои 73.220 (речиси 45 отсто) се греат на дрво, околу 51.000 (31 отсто) на струја, а околу 35.000 или 21 отсто се приклучени на централно греење. Само околу 2.500 домаќинства, или 1,5 отсто во моментот се загревале со печки на пелети.
Утврдени кандидатските листи за членови на советите на АВМУ и на МРТ
Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата на денешната седница ги утврди листите на кандидати доставени на јавни конкурси за избор на членови на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) и на Програмскиот совет на Македонската радиотелевизија (МРТ).
Како што соопшти на седницата претседателот на Комисијата Илија Димовски, на конкурсот за АВМУ се пријавиле 28 кандидати, од кои сите ги исполнуваат формално правните услови да продолжат во наредните фази од процесот на изборот. За програмскиот Совет на МРТ кандидатура поднеле 19 лица, од кои 18 ги исполнуваат формално правните услови и продолжуваат во наредните фази од процесот.
Утврдените листи се условни и пред да бидат упатени на јавна расправа кандидатите треба да бидат проверени од страна на Антикорупциската комисија која треба да достави советодавно мислење за секој од нив дали ги исполнува условите за непостоење судир на интереси утврдени согласно законските услови.
Флеш вести
„Сите сме деца на Илинден“ е слоганот на сите настани со кои годинава ќе се чествува Денот на Републиката – 2 Август, 116 години од Илинденското востание и 75 години од Првото заседание ан АСНОМ.
Бојан Јовановски првоосомничен во случајот „Рекет“ денеска е пренесен на скопските клиники поради испитувања за закажана операција од претходно, потврди Есад Рахиќ, директорот на затворот во Шутка. Според извори од Клиничкиот Центар „Мајка Тереза“ направени се неколку прегледи, објави Фокус.
Власта и опозицијата денеска конечно ќе се сретнат да разговараат за новиот закон за ЈО и за пописот. Ставовите на двете страни досега беа дијаметрално спротивни, па со внимание се чека исходот од новите средби, имајќи предвид оти исклучително важно е и опозицијата да учествува во донесувањето на законите.
Б. Јордановска