пишува: ВОЈО МАНЕВСКИ
Либерализмот ги собра сите карактеристики на пазарното општество, на едно место, но и постави нови правила – ситнење на заедницата до продуктивни единки, поврзани со постојаната меѓусебна борба за повисоко место во компанијата. Ако ова ви изгледа како некаква современа анализа на времето во кое живееме, ќе се изненадите дека Фукојама ова го напишал пред 40 години, кога го објаснувал напливот на млади луѓе на врвни места во компаниите. Тој експеримент завршил некаде кон крајот на осумдесеттите години од минатиот век. Завршил за светот, а кај нас дојде во деведесеттите и упорно трае, иако дава сѐ полоши резултати.
Зошто го пишувам ова? Ги следам дебатите или модерно кажано телевизиските настапи на младите ни политичари и постојано се навраќам на една вистинска случка од моево НОВО СЕЛО, што секако не конкурира на мислите на Фукојама, ама е метафора на состојбата во која се наоѓаме.
Чичко Андреј се врткал во сабота наутро по дворот и му се излегувало кон продавницата – кооперација како што тогаш се викаше, ама си барал причина тоа да го стори без многу објаснување на сопругата. Мавтал со една банкнота од тогашни сто динари со ликот на Алија Сиротановиќ и барал дали некој од домашните има да му ги раситни. Се разбира неговиот портофел е единствената домашна каса и решението е, да се раситни во продавницата. Центарот на сите збиднувања, секогаш се местата каде се собираат луѓето. Црквениот двор во тоа време нема идеолошка подобност и во кооперацијата се одвиваат сите дебати.
Разговор како разговор, не оди на суво и се појавила потребата од подмачкување. Темите, големи, неопходни, а времето одминува. Се наближил ручекот, се свртеле повеќе тури поддршка, а атмосферата и парите се ситнеле. Кога притисокот од домашните форуми станал незапирлив, Андреј морал да го напушти дебатниот клуб. Кога дошол дома сопругата сомнително го испитувала, како Европската комисија нашите политичари и поставила заклучок, парите раситнети ли се? Андрејко бркнал в џебот и извадил грст кованици од по еден и два динара и ги ставил на масата – ситнев, ситнев од ова поситно не можам.
Токму од оваа вистинита случка не можам да се одлепам целата измината недела. Гледам млади луѓе на телевизија, како бранат ставови што се неодбранливи, како внесуваат страст во разговорот, како да сакаат со надвикување и непристојност да ги заменат фактите. Со претстава, сакаат да ја покријат голотијата во која живееме. Со форма сакаат да ја сокријат суштината. Не учеле Хегел, да знаат дека формата и суштината се во дијалектичко единство и дека спротивностите меѓу нив секогаш завршуваат со нова форма.
Важно е да се постигне денешната цел. Пред членството да се победи, надзборува, понижи противникот. Јас не верувам дека и имаат нешто против, еден со друг приватно, туку ја играат улогата на партиски противници. Тоа што внесуваат премногу емоции и омраза и не е страшно. Така е во нивниот сѐ повеќе виртуелен свет. Се угаси компјутерот и готово, поминуваме на друго ниво. Како во филмовите за мафијата, кога ќе се изврши убиство на член на соперничката организација.
– Прости ама ова не е ништо лично, ова е бизнис – вообичаена реченица при израз на сочувство кон семејството. Често ги читаме упатствата од европските институции, дека сме требале да ги поддржуваме претприемачките размислувања на младите. Епа господа, ова ви е класичен пример како се практикува претприемаштво. Се влегува во партија од младост, па се учат сите марифетлуци на брзо напредување низ структурите на партијата и сé до директор, пратеник, министер. Знаење, компетитивност, искуство, сé тоа е собрано во едно – партиска позиција. Без многу емоции и без многу моралисување, како програм на компјутерот.
Е токму овде е вистината на чичко Андреј. Ситневме, ситневме, раситнивме.
Ги раситнивме големите ликови, што имаа што да кажат, за нивното кажување можеше да се прави кавга во кооперацијата, да се ситни сто динарка и сега ни остана она што и тешко се ситни. Поситно не може.
СЛАВА НЕСИТНЕТА
Во вторник е ден за празнување. Прогласен е верскиот празник за државен. А според православниот календар и правилата од почетокот на постот до дваесетти јануари е времето на славите. Додуша ги започнавме на Митровден минатиот месец, ама овие до Божиќ се посни. И нема да морализирам со држењето на постот, туку ќе се држам до ситнењето на сѐ околу нас.
Се сеќавате на славите во предната соба што ја викавме гостинска. Голем германски астал со политура, што се развлекува само неколку пати во годината. Софрата полна, а на чело седи најстариот член на семејството, никој не зема од храната додека попот не го отпее тропарот за светецот. Секој светец си има свој тропар. Се наздравува за целото семејство се моли светецот за здравје, за бериќет, доаѓаат кумовите, соседите, пријателите. Се јаде се разговара. Според јачината на сркањето чорба се оценува бројот на гостите. До доцна во ноќта се седи околу софрата и се разговара, а богами почесто и запее. Некои од гостите вкрстуваат половина литар вино и сода, па утредента раскажуваат за патешествијата до дома.
Се ситни и тоа, се ситни.
КОРОНА СЛАВА
Забрането групирање, ама да не се навредат постарите и светецот, се порачува готова баница, ситни колачиња, риба ослиќ и готова салата и се препакува во десеттина пластични садови, а на нив се залепува налепница– за кумовите, за сестра ми, за сватоштините и така натаму. Се врти телефонот на месниот парох и се договара подигањето на панагијата. Маската се става, се распоредуваат полните пластични садови и се разнесува според списокот.
Честито слава кумашине, нека е со многу среќа.
Се ситни славата, се раситнува семејството.
ПОСТ КОРОНА СЛАВА
Швапскиот астал се чува како раритет или неопходен спомен. На него седнати домаќините и сѐ е како и порано. Ама не е исто. И гравчето направено и салатите и баницата и рибата. Свеќата запалена, а до неа екран на кој попот го чита соодветниот тропар и заповеда кога да се раскрши славскиот колач и каде да стои свеќата до утре. Околу масата два екрани со познати ликови и далечни простории. Се подигаат чашите, се наздравува, се пее на два гласа, едниот овде, а другиот по далечните Германии, Америки, Австралии. Се вкрстуваат далечните гласови од различни временски зони.
Да сте вие живи и здрави деца, тоа е најважно, за нас не берете гајле.
Се гасат екраните се потпира главата на дланките и се молчи. Половина чаша вино испиена, чепнато од рибата и баницата и…?
Се ситнеше, се ситнеше и се раситни.
А криви сме сепак ние што молчевме, што себично гледавме да преживееме. Што се надевавме дека некој друг ќе ја заврши работата, а ние ќе расправаме во гранапчето, како било. Што себично велевме – младите нека добијат шанса. Не прашувавме дали тие знаат, дали можат, дали сакаат. Се плашевме дека ќе нé праша некој – како ги воспитавме, во што ги научивме да веруваат. Не ние тоа не го правевме…
НИЕ САМО СИТНЕВМЕ И СИТНЕВМЕ.