Дали предлогот за субвенционирање на приватни компании кои ќе помогнат во еднаквата етничка застапеност при вработување е нужна потреба или политички популизам, е тема на ова издание на политичкиот видео магазин СКЕН.
Премиерот Зоран Заев истакна дека Владата ќе го поттикне и ќе соработува со бизнис секторот за да се поддржат добрите меѓуетнички односи и меѓусебната доверба, додавајќи дека субвенции ќе има по работни места, а не по тетнички клуч.
Вицепремиерот Артан Груби најави субвенционирање на вработувањата во приватниот сектор на припадници на другите етнички заедници во земјава, но рече дека не е познато како тоа ќе се реализира.
И министерот за економија Крешник Бектеши тврди, дека државни пари ќе има за сите приватни фирми што ќе вработат лица од друга етничка припадност.
Професорката Мирјана Најчевска посочува дека не треба да има различен третман кон луѓето поради одредена карактеристика меѓу која и да е етничката припадност, посебно кога станува збор за вработување во приватниот сектор.
За ВМРО-ДПМНЕ субвенционирањето на приватни компании за вработувања по етнички клуч е неприфатливо.
Висар Адеми смета дека со овој начин на субвенционирање се враќаме во времето на режимот на Никола Груевски, односно дека вработувањата ќе се прават со партиски клуч. Тој посочува дека треба да се регулира пазарот, претприемачите да мислат слободно и да не му се наметнува партиски кадар.
Лидерот на Беса, Биљал Касами во интервју за ТВ21 во емисијата „Click Plus“ рече дека ако е за популизам, тој ќе каже дека приватните компании треба да работат на правична застапено, но дека во реалноста ситуацијата е друга.
Лиса Баута Шаќири смета дека проблемот е повеќе општествен отколку што е политички или економски и дека субвенционирањето не смее да се прави по етнички клуч, бидејќи во обид за спречување на дискриминација, се служиме со друга дискриминација.
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вели дека е неблагодарно јавните пари да се делат по етничка основа, односно професионалноста треба да биде клучен критериум.
Новинарот Рамуш Муарем Цирко, вели дека издвојувањето на етничката припадност во вработувањето не може да се смета како афирмативна и дека тоа се коси со Уставот на државата.
Јована Тренчевска од Министерството за труд и социјална политика, на панелот на ЦИВИЛ „Дискриминацијата и вработувањето во јавниот и приватниот сектор“, вели дека во моментов, во државата немаме една заокружена законска регулатива, којашто ќе биде посветена на дискриминацијата и еднаквите можности, и затоа, во програмата на владата за 2024 година, еден од високите приоритети е токму донесувањето на законот за спречување и заштита од дискриминација.
„Трета мајка“ за Законот за заштита од дискриминација. Дали конечно ќе биде изгласан…
Дијана Тахири / Дехран Муратов
монтажа: Ариан Мехмети
камера: Атанас Петровски