Слободна зона на ЦИВИЛ денеска со Џабир Дерала и Јане Ѓорѓиоски
„Руските баќушки, намерно или не, ја „рокнаа“ руската химна на својот разглас и го прекинаа Димитров додека говореше за раѓањето на Европската Унија. Вообичаено смирен, тој не се збуни, барем не премногу, па на англиски јазик само рече дека додека трае „ова“, ќе направи пауза. Елегантно, колку може да дозволи една таква приземна ситуација. Упадот на руската химна го нарече „ова“ (this). Таман.
Без оглед на тоа колку и на кој начин „судирот“ меѓу двата настани по повод Денот на Европа, 9 Мај, се должи на некоординираност, па и гаф на организаторите или беше недипломатска грубост и дрскост, не е многу важно. И едното и другото не се изненадувачки. Би било чесно руската страна да се извини, но тоа би било единственото изненадување во оваа ска́зка“ пишува Џабир Дерала во колумната „Короткая ска́зка о достоинстве и порядочности“.
„Не знам зошто се зачудив, но во куќата беше многу чисто. Имаше купишта касети. Слушавме Мајкл Џексон и игравме (плеткавме) мун-волкинг до премаленост. Дојде и Алајдин со онаа негова широка насмевка, беше поинаков – поинаку весел. Ме гушна силно. Не знам зошто. Потоа дојде и Мазес. Носеше еден од оние нејзини долги фустани. Не знам зошто но не сакав да си признам дека беше убава. Игравме дури не се стемни. Ако сакаш преспиј тука не е проблем ми рече Саме. Се заблагодарив и тргнав накај дома.
Се сеќавам дека по пат накај дома си пеев, се смеев и потскокнував како удрен. Тоа беше еден од најпосебните денови во мојот детски живот, а јас за таа дружба не кажав ни дома, ни на другарите, па ни на Саме и на Алајдин не им кажав дека преубаво си поминав.
Утредента, на училиште се однесувавме како никому-ништо, како и пред тоа, како да не ни се случил најубавиот ден, како да не игравме до премаленост, како да не забележував колку е убава Мазес“ пишува Јане Ѓорѓиоски во колумната „Бинас“.
И.К.