Слободна зона денеска: Дерала за „антициганизмот“ и човековите права на Ромите, Тахири за предрасудите кон ромската заедница
„Идејата за расна супериорност е вселена во секое соседство, во секоја куќа, без оглед на етничката припадност и без оглед на тоа дали се работи за мнозинска или малцинска заедница, без оглед на тоа дали и самата заедница, што ги дискриминира Ромите, се соочува со дискриминација, стигматизација, предрасуди и стереотипи. На практични, секојдневни нивоа, тоа е преточено во едно општоприфатено потценување, презир и отфрлање на Ромите во секоја животна прилика. Освен политичарите, заслужни за ова се и интелектуалците кои се или архитекти на културата на мразење или молчешкум ја прифаќаат и ја пренесуваат без приговор омразата и идеологијата на супериорност од генерација во генерација. И тука, мора да се истакне со големи букви, не се само Ромите во прашање, туку и други етнички, верски и расни категории кои ја хранат културата на исклучивост и национал-шовинизам. Но мора и да се нагласи уште еднаш, директно и едноставно – Ромите се мета на сите останати.“,пишува Џабир Дерала во колумната Меѓу антициганизмот и борбата за човекови права
„Денеска ќе прочитаме многу честитки, од кои најголем број најверојатно ќе бидат од типот “и јас имам пријател Ром”, како и обично. Не мора да имаш „и“ пријател Ром, или друг вид, различен од твојот… Доволно е да си свесен дека привилегиите се штетни, доколку сметаш дека ти припаѓаат само тебе“, пишува Дијана Тахири во колумната „Честитка“ за Меѓународниот ден на Ромите.