Слободна зона на ЦИВИЛ денеска со Сашо Орданоски, Војо Маневски и Џабир Дерала:
„На крајот, по обичај, владејачкото мнозинство најде „скафандер“-начин да ги направи ирелевантни за изгласување на петтиот пакет помош, па и тие, доведени до свршен чин, дигнаа рака во корист на македонското граѓанство. Откако сите сфатија дека немаат со што веќе да манипулираат.
Со тоа продолжува традицијата според која секогаш кога треба само да поентираат, да дигнат два прста и да одржат победничка прес-конференција за својата конструктивност и искрена грижа за граѓаните, опозицијата како да ја фаќа паника дека ќе направат нешто исправно, некое добро за сите, им се јавува некаков „синдром Апасиев“, политички се парализираат и – не собраа храброст да се издигнат на ниво на предизвикот на моментот, да покажат дека во нив има капацитет и за водење, а не само за кочење држава“, вели Сашо Орданоски во денешната колумна Наместо онлајн, повторно останаа офлајн
„Безброј луѓе ја продадоа својата „уметничка душа“ на партиските ѓаволи и станаа обична партиска пешадија. Познато е дека криминалните јадра на дел од политичките партии во земјата, имаат насушна потреба од целосно дисциплинирање на своето членство, ширење и заробување на што е можно поголем број луѓе кои, благодарение на професијата (новинари, интелектуалци, уметници, академија…), потоа стануваат алатки за пропаганда и продолжена политичка корупција.
Но, колку и да се моќни, политичките партии не можат да ги мобилизираат сите до еден и да ги стават во партиски огламник. Мелењето човечко месо за потребите на политичките партии (читај: партиски елити) не е својствено за сите партии. Од друга страна, во општеството има поединци, групи и организации кои не се помрднуваат од патот и правецот кои сами ги изградиле, следејќи ги својот систем на вредности и уверувања“, пишува Џабир Дерала во рафалот Црно-белиот свет на пропагандата
„Ако издржиш да читаш што вријат социјалните мрежи, не се надевај на мирен сон, од толку злоба и ако заспиеш ќе сонуваш Баба Роги со такви убавини што и ѓаволот ќе ти изгледа како Ким Кардашијан.
Несоницата била последица од прележана корона и ќе поминела. Јас оваа последица ја имам веројатно уште кога ни во Вухан не беа слушнале за овој вирус. Така е кај нас, прво се последиците па после се причините. Затоа сме 30 години во тунелот транзиција, стоиме на сред тунел и не знаеме каде да тргнеме. И едната страна и другата ни се чинат и како излез и какао влез“, вели Војо Маневски во колумната Корона сновиденија