Во слободна зона денеска Сашо Орданоски се осврнува на изјавата на претседателот Пендаровски дека нападот во Собранието на 27 април, не е теористички чин, и на најавената средба на Пендаровски со Мицкоски.
„Петочната средба меѓу Пендаровски и Мицкоски сигурно ќе добие рефлексија во шпекулациите за тоа кој сè е на списокот на оние кои со задоволство би го виделе и Заев и СДСМ ослабени пред локалните избори годинава, со притисок за вонредни парламентарни избори што поскоро, после кои Заев би заминал „во историјата“.
Конечно, можеби е средбата Пендаровски-Мицкоски наменета за итра „трговија“ околу поддршка на опозицијата за компромисот што ќе треба да се постигне со Бугарија? Иако е неверојатно дека до таков компромис може – а и треба – да се стигне со кршење на кревкиот, едвај подисправен „’рбет“ на македонското правосудство преку вакво неверојатно политичко газење врз пресудите во еден од најкомпликуваните правосудни случаи во последните 30 години.
Како и да е, се чини дека во петок Мицкоски добива извонредна можност за авансирање на своите позиции и во сопствената партија и на пошироката политичка сцена. Тој ќе биде ѕвездата на настанот.
Пендаровски, пак, ќе ја добие првата можност за бројни дополнителни објаснувања (можеби и до крајот на својот претседателски мандат) за тоа што сакал „писателот“, всушност, да каже на полето насадено со јагоди… пишува Сашо Орданоски во денешната колумна Зошто Пендаровски влетува со грло во јагоди?!