Во Слободна зона денеска Сашо Орданоски пишува за скокот на Северна Македонија од 24 места според Индексот за перцепција на корупцијата на Транспаренси интернешнл за 2021, професорката Мирјана Најчевска пишува за лавината омаловажувачки, исмејувачки и навредливи коментари и квази-анализи за наводната изјава на министерката за одбрана, Славјанка Петровска и Јове Кекеновски пишува за кризата со снабдување со електрична енергија.
„Да се случеше годинава Македонија да ПАДНЕ за 24 места во годишниот Индекс за перцепција на корупцијата на Транспаренси Интернешнл, верувам дека тоа ќе беше главната вест на неделата (што ќе се „растегнува“ цела година) за сите медиуми, политички фактори, невладини организации, коментатори и други модератори на овдешното јавно мнение. Ќе имаше посебни (и посебно хистерични) прес-конференции, дузина дебатни емисии, специјални прилози и соопштенија со кои ќе бевме преплавени за „општиот хаос во државава“ и за „криминалите на власта“, пишува Сашо Орданоски во колумната „Катастрофа: Словенија забележала пад од 6 места на Индексот за корупција!“.
„Во врска со евентуалниот ангажман на македонски војници при ескалација на конфликтот, министерката изјави дека ангажманот на нашата Армија, како и на армиите на сите други земји членки на НАТО, се дефинира на конференциите за генерирање на сили кои конкретно за оваа тема се одржуваат под координација на Врховната команда на сојузничките сили на НАТО. На овие конференции секоја земја членка става на располагање сили, единици или опрема согласно сопствените можности. Во овој момент, нашата армија како дел од тие структури има обврска и веќе изготвува анализи за можностите за потенцијално наше учество, односно ангажман.
Во ниту една од изјавите на министерката не беше спомнато објавување војна на Русија ниту пак тргнување со војската на Македонија кон Русија. Меѓутоа токму такви конструкции беа направени во редица медиуми и овие конструкции (не самите изјави или делови од изјавите на министерката) беа искористени како основа за лавина од омаловажувачки, исмејувачки и навредливи коментари и квази-анализи“, пишува Мирјана Најчевска во колумната „Кога критиката ќе ја загуби смислата“.
“Ангажирањето на АД ЕСМ и на државата во снабдувањето со гас треба да спречи дополнително продлабочување на кризата со снабдување и со електрична енергија, со оглед на тоа што во недостиг на парно греење голем број од семејствата би се префрлиле на греење на струја, а тоа би добело до енормно зголемување на потрошувачката на електрична енергија. Значи се работи за изнудена одлука откако „јајцето дојде на газот“. Што би рекле постарите „удолу длабоко, угоре високо“, пишува Јове Кекеновски во колумната „Па каде го има ова луѓе мои?! Невидена анархија и арамилак, а сите молчат“.