Слободна зона на ЦИВИЛ денеска со Велин Стојановски
„Секако дека таа измена е неопходна, но анализите покажуваат дека само таа измена не е доволна за целосно подобрување на изборниот законик. Впрочем досега скоро после секои избори се правени одредени измени за да се реши одредено прашање, но не и целосно решавање на воочените проблеми. Така, досега се направени повеќе од триесет измени и дополнувања на истиот, а проблемите не се решени. Затоа сметам дека кон овој проблем треба да се пристапи посериозно и мултидимензионално, односно да се направи генерален ремонт на изборниот законик за што се потребни одредени измени на Уставот, Законот за политички партии и самиот Закон за избори..
Прво, треба да се направи измена на изборниот модел, односно наместо со шест изборни единици да имаме само една изборна единица. Ова прашање повеќепати е елаборирано, само да потсетам дека основниот бенефит ќе биде што ќе нема изгубени гласови и секој глас подеднакво ќе биде вреднуван. Со сегашниот модел ако во една изборна единица хипотетички излезат 90 отсто од гласачите и сите гласачки ливчиња се важечки, а во друга излезат 45 отсто од гласачите иако на хартија и двете изборни единици имаат приближно ист број на гласачи избраниот претставник во првиот случај ќе треба да освои двојно повеќе гласови од избраниот во другата изборна единица“ пишува Велин Стојановски во колумната „Генерален ремонт на Изборниот законик“