„Трговија без контакт“ е пристапот што почна да го применува Турција за непречено одвивање на трговската размена без да дојде до контакт меѓу луѓето и да се создаде каква било можност од евентуална зараза со коронавирус.
На компаниите им е дадена можност за замена на приколка, полуприколка или контејнер, а оние што нема да го почитуваат пристапот „трговија без контакт“ ќе треба да ги запазат процедурите за карантин.
Ова го објави Стопанската комора на Македонија на својата интернет страница.
-Амбасадата на Република Турција во Република Северна Македонија во соработка со Стопанската комора на Македонија, Ве информира за ново донесените мерки за транспорт на стоки и непречена трговија од страна на Министерството за здравство и Министерството за внатрешни работи на Република Турција. Преземените мерки за спречување на епидемијата (КОВИД-19) од Министерството за здравство и Министерството за внатрешни работи на Република Турција, се применуваат на начин да не биде спречена слободната трговија. Во овој контекст Република Турција започна со имплементација на пристапот „трговија без контакт“ кој за цел има ограничување на контактот од лице до лице како и спречување на можноста за заразување, стои во соопштението до компаниите.