Скопје и годинава со повеќе активности и манифестации ќе одбележи 58 години од катастрофалниот земјотрес во 1963 година, во кој го загубија животот 1.070 луѓе, а 3.000 беа повредени. Традиционално по повод годишнината, Град Скопје и јавните културни установи ќе организираат многубројни настани.
Денес во 10 часот пред Споменикот на жртвите од земјотресот на Градските гробишта во Бутел, официјални делегации и претставници на институции ќе положат цвеќе.
Општинската организација на Црвениот крст од Кисела Вода во соработка со Институтот за трансфузиологија ја организира традиционалната крводарителска акција. Акцијата, којашто почна во 9 часот и ќе трае до 17 часот, во Дневниот центар за дарување крв во Домот на хуманитарни организации „Даре Џамбаз“.
Во 9 часот се организира „Скопска аванТУРА“ – Детска едукативна прошетка низ минатото на Скопје, а почетната точка ќе биде плоштадот Пела.
Во Музејот на Град Скопје вечерва во 19 часот ќе се одржи поетско читање на Организацијата на жени на Град Скопје, а во 20 часот ќе се отвори изложбата „Колаж на еден разурнат град“.
Во 19 часот ќе се одржи и свеченото пуштање во употреба на новиот Кеј 13 Ноември, кој ќе биде проследен со настап на Градски дувачки оркестар и изложба на отворено „Сигналитика на централното подрачје на Скопје“.
Во Национална опера и балет во 20 часот, како дел од Скопско лето, ќе се одржи балетската претстава „Сви марш на плес“.
Програмата за одбележување на 26 јули ќе биде заокружена со централниот настан во 21 часот во Градскиот парк, каде што ќе се одржи концерт на Филхармонија на РСМ и „Архангел“, насловен како „Филхармонија и Архангел за Скопје“.