Собранието попладнево со 65 гласа „за“ и пет „против“ ја усвои Резолуцијата за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, истакна дека парламентарното мнозинство и Владата имаат јасна и непроменлива политика против нелегалната миграција и дека никогаш не било побарано, ниту ќе се дозволи, изградба на мигрантски кампови или трајно сместување мигранти во државата. Според него, со Резолуцијата се става крај на шпекулациите и дезинформациите што создаваат страв и несигурност кај граѓаните.
Дел од владејачкото мнозинство оценија дека Резолуцијата има превентивна улога и испраќа порака дека безбедносните прашања не смеат да се злоупотребуваат за политички цели, додека опозициските пратеници реагираа дека таа претставува притисок врз парламентарната демократија и правото на критика.












