Бидејќи не постоеле докази дека обвинетите во случајот „Сопот“ го сториле делото за кое се товарат, Спацијалното јавно обвинителство (СЈО) вчера се откажа од обвинителниот акт.
Според специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, нема докази со кои може да се утврди обвинението за обвинетите. Судот одлучи да ги ослободи и да го одбие обвинението и обвинетите ги упати да бараат отштета.
Случајот „Сопот“ е од 2003 години, кога двајца полски војници и еден македонски државјанин загинаа, откако теренско возило на НАТО нагази на мина на локалниот пат Сушево – Сопот. Во овој случај десет лица беа осудени за тероризам. Тие се товарат дека подметнале експлозивна направа на локалниот пат Сушево – Сопот.
Во Кривичниот суд вчера се одржа и судењето за „Поткуп“. Судот одлучи да го прифати предлогот на адвокатите на премиерот Зоран Заев јавноста да присуствува на гледањето на снимките како доказ, бидејќи според нив снимките кои беа објавени на „Јутјуб“ биле нецелосни. Обвинителите од СЈО се против ова барање. Бидејќи во судот немаше услови за гледање на снимката, рочиштето се одложи за 26 март.
Заев во „Поткуп“ е обвинет дека како градоначалник на Струмица барал поткуп од околу 160.000 евра од струмичкиот бизнисмен Иван Николов Сачевалиев за легализација на градежно земјиште.
Специјалното јавно обвинителство вчера поднесе жалба до Апелацискиот суд за пресудата за новинарката Ивона Талевска во случајот „Тифани“ за затајување на данок. Од СЈО бараат условната казна затвор на Талевска да и се преиначи во ефективна затворска казна.
Минатиот месец Кривичниот суд ја осуди Талевска со условна казна затвор од две години доколку во следните четири години не го повтори делото даночно затајување. Со одлуката на судот Талевска во рок од еден месец треба да плати казна во висина од 1.000 евра, делот за трошоците за вештачењето, а во период од една година треба да го надомести затаениот данок, односно сумата што СЈО ја прецизираше во обвиненителниот акт.
Талевска како управителка на друштвото за консалтинг „Смарт ДООЕЛ“ и на „Смарт груп ДООЕЛ Скопје“ од 2008 до 2014 година одбегнала да плати даноци, а во завршните сметки давала лажни податоци, при што затаила 2.314.463 денари или 37.634 евра преку фирмите и 1.040.840 денари или 16.924 евра личен данок.
извор: МИА