Советот на општина Центар утре ќе одлучува и гласа за одлуката за запирање на спроведувањето на 31 детален урбанистички план. Одлуката ја предлага градоначалникот Саша Богдановиќ.
Општина Центар информира дека со оваа одлука мораториумот се продолжува за уште два месеца бидејќи, како што стои во образложението, зададениот период е краток за да се направи анализа на деталните урбанистички планови и да се овозможи законитост во постапувањето, правна сигурност на жителите на општина Центар, а особено поради неопходната потреба за усогласување на планската документација со законските обврски и фактичката состојба.
Со одлуката се запираат постапките за издавање одобренија за подготвителни работи и постапките за издавање одобренија за градење. Сите започнати постапки пред донесување на одлуката за мораториум продолжуваат.
– ДУП-овите кои се донесени главно во времето кога со општината раководеше Владимир Тодоровиќ од ВМРО-ДПМНЕ, и дел од нив се носеа во ноќните часови, не се целосно изработени според законските обврски и правила и се појавуваат недостатоци во урбанистичко-планската документација, која не е во согласност со Генералниот урбанистички план. Дел од ДУП-овите се стари и планскиот период за кои се донесени е изминат, се вели во соопштението од општина Центар.
Општина Центар информира дека при изготвување на новите ДУП-ови ќе постапува по следниве принципи-рационалното уредување, услови за хумано живеење, надминувањето на урбаните бариери на лица со попреченост, заштита и унапредување на животната средина, а особено вклучување на јавноста во постапката за донесување на планската документација.
Одлуката за мораториум стапи во сила на 28 декември 2017 година.
извор: МИА
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.