Министерството за внатрешни работи вечерва во 22:30 часот одржа прес-конференција на која министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски соопшти дека е фатен Лупчо Палевски Палчо првоосомничен за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски.
Министерот Спасовски истакна дека адвокатот го однел во Белград и таму е оставен во хотел, таму го презема друго лице и со ренџ ровер го носи во Бугарија, од каде е транспортиран во Турција каде оди во градот Баликесир.
-Таму нашите служби стапуваат во контакт директно не само со полицијата туку и со еден нивен оперативен извор кој за многу кратко време ни потврди дека лицето се наоѓа во Баликесир и ни ги кажа неговите намери. Од таму сакал да замине во Истанбул.
Тука симулирал дека ќе оди но се вратил во градот и денеска попладнево од страна на колегите од турската полиција е уапсен додека се движел пешки по еден од автопатите во градот, рече Спасовски.
Тој додаде и дека се пронајдени два пиштола кои се дадени на вештачење.
Спасовски нагласи дека не треба да се прави политиканство на мртво души и да престанат шпекулациите и дезинформациите.