Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски упати благодарност до полицијата за ангажманот во справувањето со пожарите. Старата мудрост вели дека на маката се познаваат јунаците – напиша Спасовски на неговата официјална Фејсбук страница.
Во објавата, Спасовски вели дека имајќи ги предвид изминативе два дена, можам со чисто срце да каже дека е горд на македонската полиција.
„Таа беше повторно на првите борбени редови, овојпат со огнената стихија, заедно со нашите пожарникари, армијата, шумската полиција, нашите граѓани. Би сакал да изразам посебна благодарност до сите нив, без разлика дали се дел од полициските патроли, од специјалните полициски сили, од граничната полиција, независно од која полициска станица притрчаа на помош, покажувајќи силна солидарност со колегите и со граѓаните … сите беа на висината на задачата!“, напиша Спасовски.
Благодарение на нивната професионалност, изградените вештини, смиреноста и пожртвуваноста успеваат ситуацијата да ја стават под контрола, истакна Спасовски.
„Им благодарам затоа што по којзнае кој пат ја ставија безбедноста и благосостојбата на другите пред сопствените, што покажаа што значи во пракса да се биде во служба на граѓаните, затоа што уште еднаш на дело покажаа дека БЕЗБЕДНОСТА НА ГРАЃАНИТЕ Е ЗАЕДНИЧКИ ПРИОРИТЕТ!“, подвлече Спасовски.
Инаку, МВР денеска соопшти дека полициски службеници од Галате лишиле од слобода едно лице за основано сомнение дека подметнал пожар над гостиварско Пожаране, eдно лице е осомничено и за пожарот во Старо Нагоричане, а две лица се сомничат за предизвикување пожар кај катлановско Блаце.