Вонредната состојба не значи замирање на животот. Правата и слободите на граѓаните не се ограничуваат по автоматизам. Се продолжува да функционира како вчера. Нема нови одлуки за рестрикции во движењето. Исклучок и натаму се општините Дебар и Центар Жупа, порача техничкиот премиер, Оливер Спасовски на заедничката прес-конференција со министерката за правда Рената Дескоска.
Од прес-центарот на Владата премиерот упати порака до највозрасната популација.
„Родители баби и дедовци останете дома. Препораката е серизна. Доколку имате потреба обратете се до Општината каде има волонтери кои ќе ви помогнат или до Црвениот крст“, порача Спасовски, додавајќи дека лицата кои имаат и најмали симптоми потребно е итно да се јават на телефоните на Центрите за јавно здравје, кои веќе се достапни за јавноста.
„Денеска неколку часа по прогласувањето на вонредната остојба ние сите заедно сме уште повеќе сплотени одговорно да ги извршуваме своите задачи. Како Влада ги преземаме сите мерки за превенција и за заштита на граѓаните. Одлуките се во насока колку што е можно помалку да и наштетат на економијата и стопанството, одржливост на компаниите и сочувување на работните места на граѓаните. Ве уверувам дека вонредната состојба ќе ја совладаме на најдобар можен начин, почитувајќи ги сите законски прописи за спречување на ширење на коронавирусот“, рече Спасовски, нагласувајќи дека секое непочитување на мерките ќе биде строго санкционирано.