Министерката за надворешни работи на Бугарија, Теодора Генчовска за време на прес-конференцијата по потпишувањето на билатералниот протокол меѓу Бугарија и Северна Македонија, прашана дали Бугарија со ова прави отстапки во врска со јазикот, истакна дека во билатералните односи, Бугарија не го признава официјалниот јазик на Северна Македонија, дека не прават отстапки за јазикот, но, како што рече – преостанатите 26 земји-членки имаат свои позиции и ние никако не можеме да ги обврземе да го прифатат нашиот став.
„Бугарија не отстапува во однос на ставот за официјалниот јазик на Република Северна Македонија. Целосно ја почитуваме одлуката на Народното собрание, според која Бугарија не го признава овој јазик. Во контекст на преостанатите 26 земји-членки, сепак, тие имаат свои позиции и ние никако не можеме да ги обврземе да го прифатат нашиот став. Но, бугарската позиција е загарантирана во целата преговарачка рамка“, изјави Генчовска.
Важно е, дека ниту еден документ не може да се сфати како признавање на македонскиот јазик од страна на Бугарија, а тоа ќе биде јасно со едностраната декларација што ќе ја достави земјата до Брисел, истакна Генчовска.