Шоферот на ЈСП побарал полициска интервенција за да симнат еден (бездомник, сиромашен човек) од автобусот, бидејќи се возел по целата релација без да се симне и се враќал повторно назад. За таа „тешка акција“ биле ангажирани неколку полициски возила со полицајци и специјалци… Замислете, специјалци дошле да симнат од автобус еден обичен безопасен човек кој само седел во автобусот за да се стопли и одмори…?!
Јавна тајна е дека бездомните и сиромашни лица ги користат (или поточно ги користеле) јавните превози, обложувалници, трговски центри, автобуски станици за да се стоплат. Таа „привилегија“ за жал повеќе ја немаат, бидејќи обезбедувањето на објектите не ги пуштаат да влезат, оти така им наредиле газдите.
Човечноста во луѓето одамна изумре… Во општество како нашето стана дури и нормално да има вакви немили и нехумани настани. А што да се очекува, кога во автобус настануваат инциденти ако се возат две групи од различни етнички заедници, на симпатизери на различни политички партии, на различни фудбалски/кошаркарски екипи…
Полицијата во такви случаи најчесто не е на местото на настанот. Реагираат отпосле. Но, убаво би било полициските специјалци да се занимаваат со вистинските криминалци, ете на пример да ги расветлат убиствата во Чаир или да го приведат убиецот на Мартин Јанушев, да ги спречат инцидентите помеѓу средношколците…
На крај, наместо специјалци, со бездомните и сиромашни лица нека се позанимаваат надлежните институции и конечно нека најдат решение за нивните проблеми.