Вицепремиерот задолжен за економски прашања и координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи денеска одржа состанок специјален пратеник на премиерот на Обединетото Кралство за трговија со Западен Балкан, Мартин Викерс и со британскиот парламентарен државен потсекретар за Европа, Лео Дочерти.
Како што објави Битиќи на неговиот профил на Фејсбук, на состанокот се разговарало за продлабочување на економската соработка во повеќе области, пред се во преработувачката и прехранбената индустрија, енергетиката, како и информатичко-комуникациската технологија, во кои компаниите од Обединетото Кралство се високо рангирани во светски рамки.
– Им се заблагодарив за континуираната поддршка на нашата земја во ЕУ-инеграцискиот пат и за демократскиот, како и економскиот развој. Обединетото Кралство е втор најголем економски партнер на нашата земја и главен странски инвеститор, а исто така е една од првите држави која низ годините инвестира во зголемување на транспарентноста и демократскиот развој, наведе вицепремиерот Битиќи на Фејсбук.