Сретен Давидов го доби државното признание за најдобар млад научник во Македонија, со врвни научни достигнувања. Во ексклузивно интервју за МИА, неготинецот со неполни триесет години, одговори на неколку прашања.
Работиш на полето на електротехниката. Од каде интересот за неа?
-Знам дека ме интерсира техниката, едноставно секогаш сум имал пристап практично да ги решавам проблемите и логично сум размислувал. Практичар сум и сакам, кога можам, сам да најдам решение. Ја сакав математиката и природните науки, па при крајот на средното образование веќе знаев дека ќе продолжам на некој од техничките факултети. Го избрав Факултетот за електротехника и информациски технологии, односно насоката Електроенергетика. И не згрешив. Станав електроинженер. Дури и сега после добивањето на звањето д-р, јас сеуште сум електроинженер.
Доста млад стана доктор на науки и ангажиран си како асистент на Факултетот за електротехника во Љубљана. На што работиш во моментов и може ли да ни откриеш за некои од твоите проекти?
-Имав среќа помеѓу многуте кандидати, да бидам избран за млад истражувач, со можност за добивање на назив доктор на науки. И пред неколку дена, успешно се справив со докторската одбрана и станав доктор на науки. За време на истражувањата го обработував полето од електромобилноста наменето за оптимално поставување на полначката инфраструктура, односно оптимален избор на локаци за поставување на станици за полнење од различен тип на технологија на полнење и тоа по најниска цена (оптимизација). Ограничувањата на оптимизацискиот проблем се технички земајќи ја електроенергетската мрежа, потоа бараниот квалитет на услугата на полнење од возачите на електрични возила како и доверливоста на полнење на полначката инфраструктура заради ограничената мобилност на електричните возила. Работам на истражувања, трудови, кои и понатаму се во полза на оние кои ја планираат полначката инфраструктура, земајќи го во предвид развојот на полначките технологии и унапредувањето на досегот на возење. Работам и одредување на капацитетот на постоечките дистрибутивни мрежи за додатно инсталирање на мали електрани кои генерираат електрична енергија од сонце, ветер, вода или биогорива. Имам и работа со алгоритми за вклучување на батериски системи во моделите за секундарната регулација на фрекфенцијата во електроенергетскиот систем. Станува збор за помош/подобрување на квалитетот на обезбедување на обсег на активна моќ за регулација, во краток интервал до 15 минути. Потенцирав само неколку актуелни истражувања/теми.
Имаш идеја како да се намали аерозагадувањето во Скопје и Македонија. Може ли да споделиме дел од таа идеја со јавноста?
-Електромобилноста по самата своја дефиниција значи употреба на електрични возила во патниот сообраќај. Ако зборуваме хипотетички, еве на пример, кога флотата на електрични возила во сообраќајот во Скопје и Македонија би била околу 30 проценти, последично може да се очекува и намалување на загадувањето заради моторните возила т.е. помал испуст на штетни емисии и честички во животната средина, како и намалување на нивото на бучава. Од овој аспект, електричните возила се супериорни во споредба со моторните возила. Ефикасноста на електричните возила е многу голема, со близу 90 проценти трансформација на електричната енергија во механичка за ставање на погон на тркалата, додека кај моторните е околу 40 проценти ефикасноста заради внатрешното согорување на горивото и останатите топлински процеси. Цената за транспорт е некаде за третина помала, земајќи ја тековната цена на електричната енергија и горивото, при пресметки за брзина од 100 km/h. Но, во Македонија, електричната енергија се произведува од фосилни горива (80 проценти РЕК Битола), поточно јаглен, а и увозот (10-15 проценти ) на електрична енергија е исто од такви горива, што значи дека повторно имаме испусти на емисии кои иако ги намалиме заради возилата, ќе се јават заради надомест на зголемената потреба од генерирање на електрична енергија наменета за полнење на електричните возила. Освен тоа, ќе биде потребно и зголемување на производствените капацитети, за да ја задоволат зголемената побарувачка за полнење на електричните возила, а операторите на преносните мрежи па и дистрибуцијата ќе мора исто така да го зголемат преносниот капацитет, па дури и да инвестираат во ширење и надградба на електроенергетската мрежа. А градењето на нов далновод, во денешно време е кошмар заради просторните ограничувања, процесот на добивање на дозвола за градба, размислувањата и отпорноста на граѓаните, еколошките движења, итн.
Моја идеја за намалување на аерозагадувањето е да се воведат електрични возила во јавниот транспорт(автобуси) па дури и хибриди на метан. Друга идеја е да се направат т.н. точки за споделување на превозот „car sharing points“, со кои граѓаните ќе може да се превезуваат од една точка во градот до друга со електрично возило и ќе го остават на понатамошно користење. Потребни се и програми да се зголеми физичката мобилност на луѓето. По мое мислење, јавните институции, па дури и приватните, потребно е да воведат иницијативи за споделување на превозот, со што ќе се зголеми и ефикасноста на луѓето (намален стрес, зголемено внимание, итн.).
Што претставува оваа награда за тебе?
-Најпрвин би сакал да изразам голема благодарност до претседателот заедно со сите останати надлежни, што ми го доделија ова признание. Ова за мене претставува доказ дека државата го цени тоа што го остварувам и дека сум добар во тоа што го работам. Исто така е и верификација на мојата работа и потврда на мојот научен потенцијал, што го преточувам во нови додатни вредности, во областа во која сум активен и кои се во корист на целокупното можно знаење на човекот. Токму на тоа сум посебно горд, затоа што успевам да придонесам за унапредување и модернизирање на начинот на кој може човекот да си дозволи да живее и затоа што можам да влијаам и да направам разлика. Посебно ми значи тоа што државата со ова признание ми укажува на посебна важност и ја цени успешноста на меѓународните достигнувања на мојата научна работа. Благодарност уште еднаш на сите инволвирани, а на чело со претседателот на Република Македонија.
Каде се гледаш себеси во иднина, дали Сретен ќе се врати во Македонија или понатамошната своја професионална кариера ќе ја гради надвор од татковината?
-За ова прашање не сакам да шпекулирам, секогаш сум отворен за соработка.
Кои проблеми планираш да ги решаваш во иднина во твојата истражувачка работа?
-Планирам и понатаму да се занимавам со проблеми актуелни во електромобилноста, а поврзани со електроенергетската мрежа. Има многу методи и пристапи кои по аналогија можат да се применат. Пред се, станува збор за брзорастечко подрачје, каде секојдневно се менуваат размерите односно разни производители објавуваат за нови, унапредени верзии на посточките полначки технологии. Станува збор за зголемување на можноста да се наполнат батериите на електричните возила за пократко време, односно време на полнење на батеријата споредливо со она на моторните возила. Со тоа се менуваат и вкупните трошоци за поставување на полначката инфраструкутра и зголемување на нивото на квалитет на услуга што таа го пружи. Исто така, примената на батериските системи во електроенергетиката во комбинација со обновливите извори на енергија и пазарот на електрична енергија, претставува систем на оддржливо снабдување со електрична енергија на крајните корисници. Флотата на електричните возила може да се искористи и како паметно средство во концептот на паметни мрежи за регулација на фрекфенцијата, помош во подобрување на квалитетот со снабдувањето на електрична енергија, подобрување на доверливоста на електроенергетската мрежа, како и во подобрување на животниот век на останатите електроенергетски елементи.
Планинарењето е твојата љубов во слободното време. Каде наоѓаш мотивација за нови предизвици, како и каде ги “полниш батериите”?
-По мое мислење, најдобрата мотивација е самомотивацијата. Доколку човек сам не успее да се самомотивира, да го најде „тоа“ во себе што ќе го натера да ги прави нештата што ги сака, со страст, тешко дека ќе може некој друг да го направи тоа за него. Планинарењето ми е релаксација, уживање во слободното време, кое само ме потсетува колку сакам да се навратам на обврските и да продолжам да го работам тоа што го сакам.
Светлана Дарудова