Српската вицепремиерка Зорана Михајловиќ денеска оцени дека изјавата на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров дека Србија со тоа што не воведува санкции кон Русија го поддржува нападот на таа земја врз Украина, „не е пријателска и дополнително ја отежнува позицијата на Србија“.
Таа во интервју за агенцијата Бета додаде дека обидот на рускиот дипломат да покаже дека Србија го поддржува нападот врз Украина, иако гласала за резолуцијата на ОН со која се осудува инвазијата, ја доведува Србија во дополнителна непосакувана позиција.
Србија е под притисок и пријателот треба навистина да биде пријател и да не и ја отежнува позицијата, истакна Михајловиќ.
За време на минатонеделната посета на српскиот министер за внатрешни работи Александар Вулин на Русија, Лавров изјави дека Москва и Белград се доследно посветени на принципите на неделивост и еднаква безбедност на сите земји, „и на Балканот и во ситуацијата испровоцирана од Западот во Украина“.
Михајловиќ, реагирајќи на вчерашното соопштение од руското МНР, нагласи дека „во изменетите геополитички околности секој би сакал Србија да биде на нивна страна, но Србија има своја страна“.
Независната позиција на Србија, според неа, се гледа во носењето одлуки кои не се независни само во однос на една страна, туку на сите.
Русија ги штити нејзините интереси, јас ги штитам интересите на Србија. Тие мислат дека Србија може да биде полигон за разни конфронтации, а јас мислам дека не може, изјави Михајловиќ.
Во соопштението од нејзиниот кабинет, Михајловиќ дополнително нагласи дека Србија нема воведено санкции кон Русија, но и дека не го поддржува нападот врз Украина, па и покрај притисоците води независна политика.
Србија е единствената земја во Европа, не сметајќи ја Белорусија, која не воведе санкции кон Русија, но истовремено јасно се одредивме против војната со гласањето во ОН за резолуција со која се осудува нападот врз Украина. Ние не сме за санкции, но не сме ниту за војна, не го одобруваме рускиот напад врз Украина, изјави таа во интервјуто за Бета.
Т.Г.