пишува: ВОЈО МАНЕВСКИ
Има ли логика во редоследот? Во животот секако, но во политиката тоа е повеќеслојно. Таму ниедно правило од логиката не важи а важи само борбата за опстанок. Ако нешто е потврда за Дарвиновата теорија, тогаш нашите политичари не оставаат сомнеж дека таа е надмината.
Последната недела, некако во јавноста како да преовладува терминот фотелја, а тој предмет не е ништо повеќе од добро заштитен обичен стол со меки делови за подобра удобност на корисниците. Е, таа удобност стана свет тотем на исполнување на идеалите во нашата држава. Седнувањето е идеал а станувањето од нив е трагедија со епски размери и повеќестрани последици.
За да не мудруваме премногу, ќе ви раскажам една приказна за мојот чичко Андреј од Ново Село од која може и по нешто да се научи.
Зимска недела, ден за семеен ручек ама со долго времетраење до пладневните часови кога супата од живински нозе се изнесува на семејната трпеза. Андреј по обичај и определба мора да скокне до маалското кафеанче да наслушне што е најважно во околината но и на општествен план. Се монтира како на воена вежба и отсечно ја пријавува маршрутата: Ќе излезам малку до Друмот да видам има ли некој со новости. А кафеаната топла и веќе запоседната од слични општествени работници. На едната маса се игра табла и заровите во познат ритам ја подигаат атмосферата – дупло, душиш, дубара, се слуша, а сите полека се поместуваат кон таа маса.
По некое време низ задимената просторија се појавува надреалистичка слика на двајца играчи со зажарени очи и над нив надвиснати комшии што будно ја следат играта и се ставаат во улога на актуелните седачи на страните од таблата. Секој со свое мислење за генијалноста на потезите и грешките што според нив ги прават играчите. Но мислењето не се кажува гласно. Најдалеку, што може да отиде гласот со значајниот заклучок е до увото на персоната што стои до истиот таков учесник во целиот процес на играта. Како колективно влегување во транс, играта станува и заедничка и општа а губитникот ќе ја осети сета тежина на поразот.
Супата стигнува на масата. Топла, жолта со островчиња од маснотии а морковите и фидето се натпреваруваат кој ќе исплива на површината. Замирисува тесната кујна што во недела ја има улогата на семеен парламент. Стравот дека ќе се олади е сѐ поприсутен, а и гладот веќе испливува како императив. Благој, ај претрчај до кафеанчето и види до каде е татко ти, само погледни низ стаклото и дојди кажи. Педесетината метри Благој ги поминува какао Дане Корица и го допира лицето на стаклото на кое пишува ООЗТ угостителство. Едвај од тутунскит чад го забележува татка си со пиво во раката, како без трепет ги следи завршните потези со пуловите. Со иста брзина се врака и уште од вратата довикува: Мамо, се игра табла а татко уште стои. Брз потег со кој се отпашува пешкирот и веднаш паѓа командата: Седнувајте деца на ручек, штом татко ви стои нема бргу да се врати. Ако седеше ќе станеше и ќе си дојдеше, но штом стои тој допрва ќе седнува. Ние да ручаме, а тој сам нека јаде кога ќе дојде.
Има ли некаква врска приказнава за чичко Андреј со нашава денешна состојба на партиски план. Еве кои се моите паралели.
Сдсм победи и седна на столчето од главната игра. Сѐ што може да направи е да се концентрира на играта за да може да победува. Императивот на победа го стеснува кругот на средства. Се напуштаат идеолошките убедувања, се релатизивираат предизборните ветувања. Системот што тешко се реформира го стега обрачот околу идеалите и принципиелноста. Она што го критикуваа, сега се приморани да го практикуваат. Членството што стои околу главните фотелји врши притисок врз играчите. Место да се соберат најумните глави во државата и се бараат решенија што ќе добијат широк консензус а со тоа и шанса да се реализираат, СДСМ се повеќе се потпира исклучиво на партиски кадри.
И кога искрено се сака да се надминат партиските рамки, со некои кадри однадвор , веднаш партиската врева и притисок ја згаснуваат иницијативата. Затоа се разместуваат пратеници на министерски , директорски места. Ризикот да се предложи не истакнат партиски кадар е голем, на секој од следни избори, ако не се игра според интересите на партијците, поддршката е помала. Ова е лесно да се елаборира ако се анализираат последните избори во Штип и Пласница.
За таква анализа ќе пишувам друга колумна. За неколку десетици директори со по два или три пати ВД статус и да не зборуваме. А за критиките околу кршењето на законот во такви случаи сега се слуша само од опозицијата, која кога беше на власт (седеше на таблата) правеше цели мандати со ВД состојби. Затоа, многу од изјавите на партискиот челник изгледаат според онаа народната – чекор напред , чекор назад. Сега сите погледи се вперени во нив и како ќе играат и како ќе ги служи среќата. Зарот не секогаш ја слуша раката, ниту среќата желбата.
А според мудроста на моите ново-селци – штом седат и ќе станат, можеме да почекаме со ручекот.
Опозицијата е во друга, исто незавидна положба. Тие се во улогата на набљудувачите на играта и се надеваат дека ќе седнат на местата за игра. Засега, сите свои замерки ги кажуваат со нетрпеливост кон главните играчи за кои сметаат дека со измама им го зеле местото, кое ним им припаѓа.
И овде нема издржани предлози за решенија што само можат да ја подобрат и партиската атмосфера и ја зголемат довербата на гласачите. Воглавно, реториката е упатена кон егзалтираното членство за кое сметаат дека бара од нив уништување на противникот. Добар предлог од мнозинството, изгледа беше, само кога се доделуваа пари во партиските класи.
Комплицираноста на состојбата во која се наоѓа партиското раководство е како сликата во мојава ново-селска меана. Во улогата на играчи на таблата сега се тие а околу нив се набљудувачите кои ги притискаат со своите коментари и совети, надевајќи се дека ќе погрешат а тие ќе можат ем да ги навредат, како терапија за се што не смееле да им кажат дотогаш, ем да седнат на нивното место . А сите се сеуште далеку од главната игра.
Да ручаме подобро ќе биде, зошто додека се истуркаат меѓу себе оние сто стојат, па седнат па почнат да играат, не само супата, туку ручекот ќе се олади, а десертот и онака се служи ладен.
Тешко се примаат совети во нашево транзициско општество, полно со митови и неостварени сонови. Затоа најголем дел од ликовите што се на политичката сцена ни изгледаат како конфекција. Нема премногу оригинални, ни лица ни дела.
А и кафеаните затвараат во 18часот.
Сите права се задржани. ЛИНК: Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста. Тесктот е личен став на Авторот.