ИНВЕСТИЦИИ: Премиерот Зоран Заев, првиот вицепремиер Артан Груби, градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, како и генералниот директор на Скопски пазар АД Скопје, Младен Дамев ќе се обратат по повод отворањето на новата инвестиција на Скопски пазар АД Скопје, целосна реконструкција на пазарот Бит-пазар.
ПРОЕКТИ: Вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, заменикот на претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски и градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, ќе присуствуваат на настан поврзан со реализација на потпроектот „Крива Паланка источна порта кон Европа – Фестивалска туристичка атракција“, денеска на Градскиот плоштад во Крива Паланка.
МНР: Министерот за надворешни работи, Бујар Османи со членовите на Стратешкиот совет на МНР ќе одржи тематска дискусија поврзана со случувањата во Авганистан, комплексноста и далекусежноста на импликациите предизвикани од оваа криза, кои би се рефлектирале и врз нашата земја.
СУДСТВО: Осми регионален форум за владеење на правото во Југоисточна Европа на тема: Независност и непристрасност на судството, во организација на AIRE Центарот и Civil Rights Defenders, со поддршка од Владата на Обединетото Кралство и Кралството Шведска и Фондацијата Конрад Аденауер.
ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ: Прес-конференција на Бошњачки демократски сојуз (БДС) на која ќе бидат претставени кандидатите за градоначалници и советничките листи на БСД на претстојните локални избори
ДИК: Уште седум дена преостануваат за јавниот увид во Избирачкиот список (9 септември на полноќ), а девет дена (11 септември на полноќ) за поднесување на кандидатските листи за градоначалници и советници до Општинските изборни комисии за локалните избори закажани за 17 октомври.
ОБРАЗОВАНИЕ: Министерката за образование и наука Мила Царовска ќе го посети основното училиште ,,Ацо Шопов’’ во населба Радишани, Општина Бутел.
СОБРАНИЕ: Денеска во Собранието на РСМ на дневен ред се седниците на собраниската Комисија за одбрана и безбедност и на Законодвано-правната комисија.
ПРЕКУГРАНИЧНА СОРАБОТКА: Во Струмица пред тамошниот ЦУК , во рамките на проектот за меѓугранична соработка ќе има отворање на заедничката вежба „Беласица 2021“ на Република Северна Македонија и Република Грција
Дел од најавите се од сервисот на МИА.
Редакцијата ги повикува граѓанските организации и други заинтересирани субјекти да ги испраќаат своите соопштенија, најави за настани и активности, секој ден, најдоцна во 8 часот наутро, за да се најдат во утринскиот преглед на најави на нашата медиумска платформа. Се разбира, прилозите пристигнати по тој термин, исто така, ќе бидат земени предвид за објавување.