ЗОРАН ИВАНОВ
Експресната реакција на Руската православна црква како кофа судена вода, шокантно, се истури врз големите македонски патриоти – русофили. Тоа што дел од македонската интелектуална, научна и аналитичка јавност со години го зборува, укажува и предупредува, вчера со непримерно брзата реакција на Руската црква дека за неа, за Руската, Српската останува единствената црковна владетелка во Македонија и врз Македонската православна црква. Па, еве, за многумината вљубеници во руската црковна и воопшто државна величина, нека биде ова тој студен руски туш на отрезнување.
Вселенската патријаршија, „мајката“ на сите православни цркви од вчера почна да исправа една децениска национална неправда. И службено ја почна процедурата за конечно признавање ма МПЦ по децениското малтретирање од страна на Српската црква и не само од неа.
Секако, патот понатаму, до конечната повторна автономност на МПЦ, сега во едни други историски околности, најави вчера Руската, а се очекува исто така брза и во сличен стил негаторска реакција и од Српската православна црква.
Како за државата, така и за црквата, битките продолжуваат. Но еве, ова со Вселенската патријаршија и МПЦ, со Руската црква и со тамошната историска негаторска политика спрема Македонија и Македонците, е таа фина можност. Само да се знае кој, како и досега, ќе продолжи да ги води, на кого во тие битки државата, народот и нацијата можат да се потпрат и кому можат да му веруваат.
Па умислени и лажни патриоти, и други „русосонувачи“ – честитo меѓуцрковно канонско добредојде на МПЦ во сеправославниот свет!