Православните цркви во време на пандемија ги оставија вратите отворени за верниците, за христијанскиот празник Велигден, каде ќе се причестуваат од иста лажица, но ги дезинфицираа иконите, кои верниците ги бакнуваат.
И покрај препораките на надлежните да не се посетуваат религиозните храмови, со цел да не се прават гужви и граѓаните сигурно да се заштитат од КОВИД-19, сепак вчера (Велики четврток) голем дел верници не ги послушаа препораките. Ваквата постапка предизвика голем револт кај многу граѓани на социјалните мрежи, кои коментираа дека досегашните воспоставени мерки ќе бидат залудни. Европската комисија исто така потсети дека сите чинители во општеството се должни да го заштитат здравјето на населението.
По бројните коментари и барања од револтираните граѓани, имаше и дел кои го оправдуваа одењето во црква за време на пандемија на КОВИД-19, но со говор на омраза.
Отец Иван Стојменов, на својот Фејсбук профил објави:
„Педерите, лезбејките, атеистите и сличните на нив секако не одат на црква, дозволете им барем на оние кои веруваат во Бога да дојдат на Велигден во црквите да му благодарат на Бога за она што го имаат, да го помолат за она што им е потребно и да го прослават Воскресението Христово“.
Во Конвенцијата за човекови права пишува дека граѓаните имаат право на вероисповед и слободно да го истакнуваат тоа, но имаат и право на сексуална слобода и ниедно човеково право не смее да се прекрши и да се искористи.
Воедно ваквиот напад укажува дека ЛГБТИ+ заедницата според нив не е прифатена.
Отецот Стојменов подоцна се извини и побара од оние кои се вознемириле од неговата објава да му простат.
Изминатиот викенд се прославуваше католичкиот Велигден, и во земјите ширум светот граѓаните го прославија дома и не одеа во храмовите.
А. Петровска