Со читање на националните и светската порака за театарската уметност, денеска во театрите низ светот се одбележува Светскиот ден на театарот – 27 Март.
Годинава, светската порака за театарот ја испраќа театарскиот режисер и драмски автор, Карлос Селдран според кого театарската традиција е хоризонтална и никој не може да потврди дека театарот живее во било кој центар од светот, во било кој град или привилегирана зграда.
Македонската порака ја испраќа драмскиот автор Југослав Петровски кој оценува дека театарот сè уште не е мртов, но оти од ден на ден полека умира бидејќи недостига катарзата.
„Најдобра театарска претстава е онаа претстава што на крајот, секој од гледачите, дома, во себе, ќе си понесе сосема поинаков „петти елемент“. Што би значело дека најдобра претстава е онаа кога секој дома ќе си замине со потполно различна, само своја катарза, само свој „петти елемент“, порачува Петровски во својата порака.
Иницијативата за одбележување на 27 март како Светски ден на театарот е од Интернационалниот театарски институт – ИТИ на УНЕСКО во јуни 1961 година.