ДИЈАНА ТАХИРИ
Повторно има закана за поставени бомби денеска во седум средни училишта во Скопје, и се чини како општеството веќе се привикнува на новата реалност – опасна закана за оружено насилство. Нешто што кај нас беше непоимливо, читано и слушано по медиуми, во главно на западот, највеќе во САД.
Ние не знаеме, повторувам, не знаеме за ужасите доживеани од бомби и убивања среде бел ден во јавни простори, безбедни места како што би требало да бидат институции, а највеќе училишта. А заканите за бомби полека стануваат секојдневие, „аха, пак ли некој се зеза“! Нема страв, алармот за страв како да е исклучен. Освен акциите од страна на МВР по секоја нова дојава. Играчка.
А од играчка често знае да настане плачка, и тоа голема. Што ако осмислувачите на „играчкава“ играат на кондиција? Да се изморат сите од лажни закани, до последната, вистинската?
Ова не е мое сценарио, само размислувам гласно „на хартија“. Прашањето ми е, кој упорно се обидува да врши авто-контрола врз општеството, или врз властите, или…?