oд корнер: ЗОРАН ИВАНОВ
Ќе го враќал и ќе го одбранел македонизмот. Како некој некаде да го загубил, па сега Христијан Мицкоски ќе го враќал и ќе го бранел. Од кого и како? Се слушаат ли воопшто политичариве, да не напишам погрд збор, што зборуваат? Прават ли нешто тие околу нив, ги повлекува ли некој за ракав по секоја нивна зелена?
Ќе го враќал и ќе го бранел македонизмот. Ако престолонаследникот на националната политичка партија го нема македонизмот во себе, ако не го гледа околу себе, тогаш не ќе може ниту да го види, ниту да го најде. Ако продолжи ова да му биде изборната флоскула, изборите ќе ги дочека барајќи го идентитетот.
А само пред една недела на Водно и тој се обврза дека е за ЕУ, а ваму отвора изборна кампања со изветвена тема. Со тема без тема. Со демоде вокабулар. Ниту со задачи, ниту со реформи, ниту со европски обврски. Реторика веќе видена во декадното владеење на неговата партија. Еднодецениски патриотизам во кој мошне активно учествуваше и тој. Македонизам и патриотизам олицетворен во милиони црни евра.
Македонизам и патриотизам во изборни местенки, во уцени на гласачи, во сомнителни апсења, во фингирани судења. Македонизам на привилегии, на корумпирани и неказниви политичари. Слушнавме и видовме. Бомбите ги разобличија, ги разголија и нивните и неговите македонизми и нивните и неговите патриотизми.
Сега пак со истите финти. Патриотизам и македонизам. Онака на готово. Откако национално чувствителните, мачни, болни и трауматични работи како оние со двојазичноста и договорите со соседите за деблокада на интеграциите му ги заврши друг, сега, онака донкихотски, ќе ја обновувал државата, ќе го враќал македонизмот.
Потрошена енергија во празно. Луѓето си го имаат и си го знаат за македонизмот. Тука е, во нас и околу нас. Ниту ни го зел некој, ниту можел да ни го земе за сега тој да ни го враќал.
Ако македонизмот е изборната мамка за обновата на државата, елементарно чесно ќе е прво да се слушне што и како ќе се обновува. На кој начин, на кој пат, во која насока. Ќе бидат ли во неговата изборната програма вградени замрзнување на договорот со источниот и ќе ја менува ли содржината на оној со јужниот сосед? Или пак македонизмот ќе е само покритие за обнова на режимот. Онака топтан со сите атрибути од почеток на текстов. Оттука, прво одговори потоа гласови.
Додека предизборието сѐ уште не е премногу забревтано, на шефот на опозицијата би му било поадекватно да батали кампања за обнова на ланскиот снег. Да батали патриотизми и македонизми. Туку да промовира перспективи преку остварливи и функционални понуди за реформи.
И да разбере дека Македонците го немаат проблемот со неговото разбирање на македонизмот. И дека тоа идентитетско чувство, отсекогаш било и е во нас.
Па, ако вака ни го брани македонизмот, тешко на македонизмот.