Тирана ќе биде домаќин на 6-тиот самит на Европската политичка заедница на 16 мај, важен настан што ќе ги донесе 47 лидери од целиот континент во главниот град на Албанија, јавуваат албанските медиуми.
Самитот, организиран од претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, и премиерот Еди Рама, ќе се одржи на плоштадот Скендербег, под мотото „Нова Европа во нов свет: Единство, соработка, заедничка акција“. Официјалната агенда на самитот предвидува церемонија на отворање со почеток во 11:00 часот, по што по 45 минути ќе следи првата пленарна сесија, каде што лидерите ќе разговараат за безбедноста и заедничката визија за иднината на Европа.
Официјалниот прием на лидерите ќе се одржи пред Националниот историски музеј, по што ќе се продолжи кон Оперската куќа и понатаму кон специјалните структури изградени за овој настан. Тематските тркалезни маси на високо ниво ќе се осврнат на предизвиците на безбедноста и демократската одржливост во Европа, конкурентноста и економската безбедност, мобилноста, како и јакнењето на младите на континентално ниво. Учеството на овој самит ја потврдува сè поважната улога на Албанија во европските политички процеси.
Присутни ќе бидат лидери како што се британскиот премиер Кир Стармер, францускиот претседател Емануел Макрон, италијанската премиерка Џорџија Мелони, украинскиот претседател Володимир Зеленски, шпанскиот премиер Педро Санчез, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, косовската претседателка Вјоса Османи, српскиот претседател Александар Вучиќ, полскиот премиер Доналд Туск, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и многу други. Се очекува некои од лидерите да пристигнат еден ден порано на средби со албанскиот премиер Еди Рама.
Официјално е потврдено дека британскиот премиер Стармер ќе пристигне денес, каде што ќе објави нови мерки против нелегалната имиграција и криминалните групи кои шверцуваат луѓе во Велика Британија. Европската политичка заедница беше создадена како заедничка политичка платформа за зајакнување на соработката и стабилноста на континентот.
Д. Т.