Categories

РАФАЛ Тоа е демократија!

Постојано пред свршен чин, ние сме само неми сведоци на настаните и процесите. Еден грст луѓе, исклучиво мажи, ни го кројат животот. Го градат имиџот на земјата, директно или индиректно влијаат на тоа што ќе имаме во фрижидерот овој месец, како ќе нѐ третираат надвор од границите, а уште повеќе, како ќе нѐ третираат институциите дома, во нашите граници. Тоа е демократија!

Џабир Дерала

Секогаш кога ќе се разниша системот и ќе се суспендираат владеењето на правото и човековите права и слободи, на ред доаѓаат неколку моќни фигури, двајца, тројца, четворица, придружени од „луѓе од доверба“, се разбира, нивна лична доверба, па ги затвораат тешките врати и во сенката на длабоката (и удобна) дискреција – преговараат. Тоа е демократија!

Кога сакате најмала работа да завршите, ве шетаат од врата до врата во, од корен реформираниот (мало морген), едношалтерски систем. За вас ќе важат сите можни и неможни закони, подзаконски акти, правилници и други регулативи. И за итни прашања на живот или смрт важи истото. За обичните смртници секогаш е спремно владеењето на правото. Секогаш мора да се почитува словото на законот, да се почека, да се наведне, да се поттргне, да се застане, да се биде тивок и трпелив. Бидејќи, законот е еден и ист за сите. Нешто како Бог. Тоа е демократија!

Тие, обичните смртници (некои ги нарекуваат народ, некои граѓанки и граѓани), обично се крајно неблагодарни суштества, па се бунат дека системот е бавен и нефункционален, па и корумпиран, чувај боже. А системот се креирал за нив, ги ставил во рамки, им дал директиви, сѐ со цел да им го олесни животот. Но, тие сеедно се бунат и мрморат. Тоа е демократија!

Сите имаат право да се изразат слободно, особено оние што не знаат како. Се разбира, оние што негуваат омраза, повикуваат на насилство, тепаат и палат, немаат право да го прават тоа, до моментот кога некој „од горе“ ќе му даде на нивното лошо поведение контекст, како „патриотизам“, на пример. Па ќе биде ставка во преговори. Некој од нив можеби ќе биде и приведен, па амнестиран или ќе побегне, а можеби и претседателот на Собранието ќе му помогне да ги искористи сите свои права на неказнивост. Сѐ за правото и правдата! Тоа е демократија!

А кога системот не функционира во стратосферата, на тие небесни тераси каде што седат политичарите, тие се последните, врховни судии… Нешто како Пантеон. Тие нема зошто да се заморуваат со владеење на правото. Тоа е за обичните смртници. Тие богови, на небесните тераси, преговараат во име на роевите што се долу во правта. Преговараат, бидејќи се попаметни, подобри, посилни и побогати или ќе станат побогати додека се политичари. Тоа е демократија!

 


Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО, освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватностаПовредата на авторските права е забранета со закон. 

Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.

 

image_pdf image_print
Print Friendly, PDF & Email