По светската премиера на римскиот филмски фестивал, филмот „Врба“ на Милчо Манчевски, премиерно пред македонската публика ќе се прикаже на 1 ноември, во Македонска филхармонија со почеток во 20:30 часот.
Овој пат, нетипично, филмот иста вечер е и на редовен репертоар во неколку кино сали во Синаплекс и во кино Милениум, а веќе е закажана и дистрибуција на во кино салите низ земјата.
„Сметаме дека ѝ должиме на македонската публика. Истовремено, освен во Скопје, „Врба“ ќе има своја премиера во Битола, Штип и Охрид. На 4 ноември ќе биде на репертоарот и во Прилеп. Правиме напори да овозможиме филмот во исто време да се прикаже и во другите градови низ државата“, изјави продуцентот Јане Ќортошев.
Светската премиера на филмот доживеа одлични критики и достоинствено претставување на филмскиот фестивал во Рим што го красеше повеќе минутниот аплауз на публиката.
„Постои машка и женска верзија на филмот. Тие се различни, секоја е убава на свој начин. Место да се одлучиме една да отфрлиме, решивме и двете да ги понудиме на публиката. Двете функционираат на свој особит начин иако не се разликуваат многу… Затоа одлучивме кога премиерно, во петок, ќе ги пуштиме во кино, машката верзија ќе може да се види во кино Милениум, а женската во Синаплекс… не се работи за родова поделба, туку за динамиката… машката верзија е побрза, подинамична, а женската е подлабока и си има свој тек на развој на приказната“, објасни Манчевски.
„Врба“ е филм во две временски рамки за три млади мајки, чии улоги им припаднаа на Наталија Теодосиева, Сара Климоска и Камка Тоциновски. љубовен филм, трагедија, и како што вели Манчевски, со среќен крај. Но, не помалку важни се и машките улоги, особено на Ненад Нацев и Никола Ристески.
„Мислам дека одлично се снајдов во улогата бидејќи имавме многу добри подготовки. Добив многу литература за материјалната, духовната и социјалната состојба на Македонците во тој период. На самите подготовки имавме етнолог и музиколог што работеше со нас. Работевме на крутоста на движењето, мимиките, гестикулациите… Поминав еден месец на село учејќи ги сите работи.. Тој процес на учење беше одличен и немав никаков проблем на самото снимање“, изјави Ристески.
Првите 15 секунди беше тишина, но за мене беа тоа 15 дена. Во таа возбуда не можев да сфатам на што се должи таа тишина Кога почна ми беше јасно дека публиката е многу задоволна и бев горда на целата наша екипа. Кога заврши сето тоа, размислував за таа пауза и сфатив дека таа е најдрагоцена за мене. Во таа длабока и тешка тишина, во тие 15 секунди, публиката се соземаше од емоцијата што филмот ѝ ја даде“, рече Климоска.
„Искрено, пред домашната публика чувствувам трема. Филмот ќе го гледаат луѓе што нас нè познаваат, ги знаат нашите способности и почетоци и можеби имаат сопствени очекувања. Јас искрено немам некои големо очекување, сакам само мирно да протече филмот… Јас сум отворена за критики и коментари“, изјави Теодосиева.
Филмот се снимаше минатата година крајот на ноември до првата половина на декември близу прилепското село Крушевица, мариовски села Штавица, Дуње и Зович, на Трескавец, во Преспа, а снимањето се заврши во Скопје.
Биљана Јордановска